Бродот „Јадран“ отвори нов спор меѓу Подгорица и Загреб

Подгорица го нарекува „Јадран“ културно-историски и воен симбол на Црна Гора, додека Загреб бара негово враќање во Сплит.

Црногорската влада формираше комисија што ќе се занимава со регулирање на односите со Хрватска, со посебен фокус на спорот околу школскиот брод „Јадран“. Во официјалниот назив на телото, бродот е опишан како „културно-историски и воен симбол на Црна Гора“, што уште на почетокот ја покажува позицијата на Подгорица во долгогодишниот спор со Загреб.

Комисијата ќе ја предводи црногорскиот министер за одбрана Драган Краповиќ, а нејзина задача ќе биде да подготвува мислења и предлози за владата, да води дијалог со Хрватска и да соработува со надлежни институции, научни и стручни тела. Прашањето за „Јадран“ со години е едно од отворените билатерални прашања меѓу двете земји, бидејќи Хрватска смета дека бродот ѝ припаѓа и бара негово враќање во Сплит.

Спорот дополнително ги оптоварува и онака чувствителните односи меѓу Подгорица и Загреб. Хрватскиот министер за одбрана Иван Анушиќ во јануари 2024 година откажа средба со Краповиќ поради неговите ставови за бродот „Јадран“ и за логорот Морињ. Односите дополнително се заострија по усвојувањето на резолуцијата за Јасеновац во црногорскиот парламент, по што Хрватска прогласи неколку црногорски политичари за персона нон грата.

Хрватска веќе формираше своја комисија за враќање на школскиот брод „Јадран“ и друг воен имот од Црна Гора. На чело на хрватското тело е министерот за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман, кој претходно порача дека Загреб нема забелешки Краповиќ да ја води црногорската комисија, но дека е важно двете страни конечно да почнат разговори и да ги презентираат своите аргументи.

„Јадран“ е едрилица со три јарболи, изградена во 1931 година за потребите на Кралската морнарица на Кралството Југославија. Со децении служела како школски брод за обука на морнари под различни знамиња, а по распадот на СФРЈ останала во Црна Гора, каде и денес се користи во рамките на црногорската морнарица. Хрватска, пак, тврди дека бродот треба да биде вратен во Сплит, со што „Јадран“ останува симболичко и политичко прашање што продолжува да ги тестира односите меѓу двете соседни држави.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни