Студентарија ја поддржа судската иницијатива за студентскиот оброк

Од платформата бараат одговори за усогласувањето на оброкот со инфлацијата и транспарентност за новиот модел. Порачуваат дека препукувањата не смеат да ги потиснат студентските барања.

Студентарија.мк ја поддржа иницијативата на Форумот за образовни промени за судско преиспитување на непостапувањето на Министерството за образование и наука поради неусогласувањето на студентскиот оброк со инфлацијата. Од платформата бараат Владата и МОН да одговорат на студентските барања и да објаснат како се подготвува најавениот нов модел.

Реакцијата следува по изјавите на премиерот Христијан Мицкоски од 9 ноември. Во соопштението се наведува дека тој се изјаснил како „шокиран“ од критиките на претставникот на Форумот, Бленди Ходаи, и други поединци, оценувајќи дека со нив биле навредени јавни функционери што истовремено се универзитетски професори.

Студентарија порачува дека академската титула заслужува почит, но не ја исклучува одговорноста што произлегува од извршувањето јавна функција.

Студентарија бара студентскиот оброк да се усогласи со инфлацијата

За платформата, суштинското прашање останува зошто досега не било спроведено усогласувањето на износот со инфлацијата, кое го посочува како законска обврска.

„Почитувањето во јавната комуникација е важно, но подеднакво важно е институциите да одговорат на легитимните барања за доследна примена на законите“, се наведува во реакцијата.

Студентарија ги препознава мерките што придонесуваат за подобрување на студентскиот стандард, но нагласува дека тие не ја исклучуваат одговорноста за неисполнетите обврски.

Кои решенија се разгледуваат за новиот модел?

Од платформата бараат да се објави кои решенија биле разгледувани на средбите со студентските претставници, какви ставови изнеле тие и дали предложените промени ја имаат поддршката на студентите што ќе бидат опфатени.

Според Студентарија, најавата за повисок износ преку нов модел не го затвора прашањето за досегашното усогласување.

„Поддршката за студентите се покажува преку почитување на нивните права, отвореност за критика и конкретни решенија“, порачуваат од платформата.


Во истата реакција, Студентарија ги осуди навредите и заканите за физичко насилство што, како што наведува, ѝ биле упатени на новинарката на ИРЛ, Милка Смилевска, која известува за ова прашање. Бара соодветно постапување од надлежните институции и услови новинарите да работат без страв.

е-Трн да боцка во твојот инбокс