Светот зад себе има уште еден исклучително топол месец, а климатолозите предупредуваат дека во наредниот период би можеле да следат уште поекстремни временски услови, поттикнати од загревањето на океаните и можен Ел Нињо.
Според податоците на европската служба за климатски промени „Коперникус“, април 2026 бил трет најтопол април досега на глобално ниво, со просечни температури за 1,43 степени Целзиусови над прединдустриското ниво, опасно блиску до границата од 1,5 степени утврдена со Парискиот климатски договор од 2015 година.
Истовремено, температурите на површината на океаните достигнале второ највисоко ниво во историјата на мерењата за месец април.
Океаните се загреваат со алармантно темпо
Научниците предупредуваат дека сè потоплите океани се јасен показател за количината топлина што Земјата ја апсорбира поради емисиите на стакленички гасови.
Во делови од тропскиот Пацифик се регистрирани рекордни температури и силни морски топлотни бранови, особено долж западните брегови на Соединетите Американски Држави и Мексико. Според Меѓувладиниот панел за климатски промени на Обединетите нации, океаните од 1970 година апсорбирале повеќе од 90 проценти од вишокот топлина создадена од човековите активности.
Експертите предупредуваат дека потоплите мориња можат да предизвикаат посилни бури, поплави, суши и сериозни нарушувања на временските модели низ целиот свет.
Стравувања од „супер Ел Нињо“
Климатолозите внимателно го следат развојот на потенцијално силен Ел Нињо, кој би можел дополнително да ги зголеми глобалните температури до крајот на годината. Прогнозите на Европскиот центар за среднорочни временски прогнози покажуваат дека температурите во централниот Пацифик би можеле да бидат и до три степени над просекот.
Доколку тоа се случи, научниците предупредуваат дека светот би можел да се соочи со еден од најсилните Ел Нињо настани досега, што би значело уште поизразени екстреми – силни суши во некои региони и катастрофални поплави во други.
Европа меѓу топлотни бранови и студени фронтови
И Европа во април беше погодена од изразени климатски контрасти.
Шпанија го регистрирала својот најтопол април досега, додека источните делови на континентот биле постудени од просекот. Во исто време, обилни поплави погодија делови од Иран, Авганистан и Арапскиот Полуостров, додека сушите дополнително се влошиле во јужна Африка.
Научниците предупредуваат дека ваквите екстремни контрасти стануваат сè почести и претставуваат уште еден доказ за забрзаната климатска криза.