Креативниот центар „Сончогледи“ на 12 ноември 2026 година (четврток), со почеток во 18:00 часот, ја организира четвртата бесплатна работилница за деца посветена на Винсент ван Гог. Настанот е дел од циклусот „Приказни што оживуваат – уметност, литература и пантомима за деца“ и ќе се одржи во просториите на центарот во Трговскиот центар „Олимпико“ во скопската населба Тафталиџе. Учеството е отворено за сите деца и млади над шестгодишна возраст со претходно пријавување.
Преку запознавање со животот, уметничките идеи и најпознатите дела на Ван Гог, учесниците ќе имаат можност да го истражат неговиот специфичен сликарски израз, препознатлив по интензивните бои, динамичните композиции и карактеристичните вртливи потези на четката. Во фокусот ќе бидат дела како „Ѕвездена ноќ“ и „Сончогледи“, преку кои децата и младите ќе откриваат како уметноста може да пренесе емоции, движење и лични доживувања.
Работилницата ќе ги обедини литературата, визуелната уметност, глумата и пантомимата. Преку раскажување, набљудување и анализа на уметнички дела, како и интерактивни драмски и пантомимски активности, учесниците ќе ја истражуваат атмосферата на сликите и ќе се обидат да ги преточат боите, формите и движењата во невербален израз.
Практичниот ликовен дел овојпат ќе биде посветен на работа со полимерна глина. Инспирирани од мотивите и колоритот на Ван Гог, учесниците ќе моделираат и обликуваат сопствени тридимензионални креации, трансформирајќи ги препознатливите елементи од неговото сликарство во нови уметнички форми. На овој начин, преку непосредно творечко искуство, ќе ја истражуваат врската меѓу сликарството, материјалот и просторната форма.
Работилницата е наменета за деца и млади од 6-годишна возраст, а ќе ја водат Марина Туфекчиевска, комуниколог и дипломиран филолог по општа и компаративна книжевност; Кристина Таневска, визуелен уметник, ликовен педагог – вајар и магистер по сликарство; и Метo Јанакиевски, историчар на уметност и пантомимичар.
Работилницата ќе се одржи во Креативниот центар „Сончогледи“, Т.Ц. Олимпико, трет кат, Тафталиџе. Учеството е бесплатно, но потребно е претходно пријавување..
Проектот „Приказни што оживуваат – уметност, литература и пантомима за деца“ е финансиски поддржан од Град Скопје.
