Македонија нема целосен систем за заштита на жртвите на насилство: потребни се 7 милиони евра годишно

За целосен систем за заштита на жртвите на насилство, Македонија треба да издвојува околу 7 милиони евра годишно, но дел од законски задолжителните сервиси сè уште не постојат.

Државата законски е обврзана да обезбеди сервиси за жртвите на насилство, но дел од услугите сè уште не постојат, а граѓански организации најавуваат претставка против Министерството за здравство.

Македонија сè уште нема целосно функционален систем за заштита, закрепнување и реинтеграција на жените и децата жртви на насилство, иако дел од сервисите се законска обврска уште од 2021 година. Според проценките, за да се воспостави систем што ќе ги исполни минималните стандарди, државата треба да издвојува околу 7 милиони евра годишно, односно околу 0,1 процент од буџетот. Наместо тоа, граѓанските организации предупредуваат дека се издвојуваат минимални средства, а голем дел од услугите се недостапни или воопшто не се воспоставени.

Министерството за здравство ќе добие претставка за дискриминација од три граѓански организации, бидејќи, иако има законска обврска, досега не обезбедило кризен центар за долготрајна поддршка на жени што преживеале сексуално насилство. Претставката ќе ја поднесат Хелсиншкиот комитет, Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство и Центарот за еднакви права.

Адвокатката Неда Чаловска вели дека е недозволиво пет години по имплементацијата на законот да не биде воспоставена услуга за долготрајна психосоцијална поддршка на жртвите на силување.

„Баш поради тоа што одредени услуги воопшто не се воспоставени, како што е долготрајната психосоцијална поддршка на жртвите на силување, каде што во 90 проценти се жени, ќе биде поднесена претставка од Хелсиншкиот комитет, Националната мрежа и Центарот за еднакви права до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, за да се задолжи Министерството за здравство најитно да го воспостави овој сервис“, вели Чаловска.

Според неа, Министерството треба да обезбеди средства за обука на психолози и психијатри, да формира мрежа за поддршка и да подготви правилник за цената на услугата.

Проблемот не е само во еден сервис. Државата потфрла и во обезбедување засолништа, советувалишта, центри за упатување и достапна правна и психосоцијална помош. Наместо десет центри за упатување на жртви од сексуално насилство, во земјата има само три – во Скопје, Тетово и Куманово. Со тоа цели региони остануваат без директен пристап до ваква поддршка.

Дополнително, и таму каде што услугите постојат, тие не се користат доволно. Тоа, според граѓанските организации, може да укажува дека дел од институциите, вклучително и полицијата и јавните обвинителства, немаат доволно информации за нивното постоење или не ги упатуваат жртвите навреме.

Посебен проблем е централизацијата на услугите. Жените од руралните средини, како и жените без сопствен превоз или финансиски средства, се најпогодени бидејќи најчесто мора да патуваат до поголемите градови за да добијат помош. Во практика, тоа значи дека поддршката постои на хартија, но не е еднакво достапна за сите.

Според пресметката за целосно функционален систем, државата треба да обезбеди една национална СОС-линија, десет упатни центри за жртви на сексуално насилство, долготрајна психосоцијална поддршка, најмалку 28 засолништа, 19 советувалишта и бесплатна правна помош за жртвите. За ова, според проценките, се потребни околу 7 милиони евра годишно.

Професорката Катерина Шапкова-Коцевска, која ја направила буџетската пресметка, вели дека сервисите за жртвите мора да се гледаат како неопходна инфраструктура, а не како дополнителен трошок.

„Сервисите мора да постојат, тоа е инфраструктура, тоа е влог. Тоа е исто како за болен човек да нема доктор“, вели Шапкова-Коцевска.

Директорката на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Елена Димушевска, оценува дека прашањето не е дали државата има пари, туку дали заштитата на жените и децата ќе биде поставена како вистински приоритет.

„Парите во нашата држава се алоцираат согласно приоритетите. Дека ги имаме овие пари, апсолутно ги имаме. Прашањето е дали нашата влада ќе одлучи дека насилството врз жените е приоритет за кој мора да определи средства“, изјави Димушевска.

Таа предупредува дека без стабилно финансирање не може да се обезбеди пристапна и достапна заштита за сите жени и нивните деца, без разлика каде живеат.

Случајот повторно го отвора прашањето дали Македонија ги исполнува сопствените законски обврски и меѓународните стандарди за заштита од родово базирано и семејно насилство. Доколку сервисите не се воспостават и не се финансираат долгорочно, жртвите остануваат зависни од недоволен, нерамномерен и често тешко достапен систем на поддршка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни