Големо Токио официјално се смета за најнаселена метрополитенска област во светот, со население од 37 до 41 милион луѓе, бројка која го надминува целото население на многу европски држави. Оваа огромна урбана целина не е само еден град, туку сложен систем од меѓусебно поврзани префектури, меѓу кои се Канагава, Саитама и Чиба, кои заедно формираат живописен мегаград без вистински паралели во светот.
За да се долови неговата вистинска големина, доволна е една илустрација: поставена врз мапата на Британија, метрополата ја „покрива” половина Англија. Централната префектура Токио сама по себе брои околу 14 милиони жители, но вистинскиот опсег на градот се гледа дури кога се земаат предвид поширокото подрачје Шутокен, кое ги вклучува и префектурите Ибараки, Точиги, Гунма и Јаманаши.
Во рамките на Големо Токио функционираат и самостојни градски центри со сопствена економска тежина: Јокохама, вториот најголем град во Јапонија; индустрискиот Кавасаки; трговскиот Саитама и пристанишниот Чиба. Сите тие се поврзани преку една од најразгранетите железнички мрежи на планетата, чиј симбол е станицата Шинџуку, најпрометната железничка станица во светот.
Поради сето тоа, Токио не е само град на мапа. Тоа е една од најкомплексните урбани целини на планетата, простор во кој секојдневниот живот на десетици милиони луѓе се потпира на систем што мора да функционира речиси без грешка.