ФК „Јанг Бојс“: Клуб што создава љубов кон спортот уште од мали нозе

Во време кога телефоните и социјалните мрежи сè повеќе го заменуваат движењето, спортот останува едно од ретките места каде децата учат што значат дисциплина, тимска работа, почит и пријателство. Токму таква приказна веќе 15 години гради фудбалскиот клуб „Јанг Бојс“ од Неготино – клуб кој работи со деца и млади од повеќе генерации и претставува важен дел од спортскиот живот во градот.

Низ клубот поминале стотици деца на возраст од 5 до 14 години, а многумина од нив подоцна својата фудбалска приказна ја продолжиле во младинските категории на Вардар Неготино, но и во други клубови низ државата, во зависност од нивниот квалитет и развој. Денес, „Јанг Бојс“ брои околу 120 членови – момчиња и девојчиња кои се натпреваруваат во Детската лига – Централен регион.

Зад работата на клубот стојат тренерите Митко Илиев, Орце Ташев и Бошко Гацев, кои со години работат на создавање здрави навики, спортски дух и љубов кон фудбалот кај најмладите. За нив, тренингот не е само место каде што се учат додавања и голови, туку простор каде децата растат, стекнуваат самодоверба, учат да победуваат, но и да прифаќаат пораз.

Во разговорот со Митко Илиев и Орце Ташев зборувавме за тоа како изгледа работата со деца денес, колку спортот може да влијае врз нивниот развој, што најмногу ги радува како тренери, но и со какви предизвици се соочуваат младите генерации во време на дигитална зависност и сè помала физичка активност.

Трн: Кога започна вашата љубов кон фудбалот и како таа со текот на времето прерасна во работа со деца?

Митко: „Фудбалот го засакав уште како дете, кон крајот на 70-тите години, гледајќи ги натпреварите на Вардар Неготино пред полни трибини. Во тоа време стадионот беше еден од најубавите во околината, а атмосферата беше нешто што тешко се заборава.

Таму беа и моите први почетоци во фудбалот, во младинските категории на Вардар. Подоцна низ мојата кариера играв во повеќе фудбалски клубови – Вардар Неготино, Кабли, Борец Велес, Победа Прилеп, Тиквеш, Пелистер и Лозар од Демир Капија. Секој клуб ми даде различно искуство, но денес најголемото задоволство ми е тоа знаење да го пренесувам на младите фудбалери.

Додека сè уште играв, почнав да работам и со млади категории. Низ годините имав можност да видам како некои од тие деца стигнуваат до големи клубови и до репрезентативниот дрес на Македонија. За еден тренер, тоа е една од најголемите награди.“

Трн: Што е најспецифично во работата со децата?

Митко: „Најспецифичен е спојот на забавниот дел  со реализацијата ,  но и можноста преку игра да се стекнат навики и научат важни работи. Кај децата не е доволно само да им покажеш вежба – треба да ги заинтересираш, да ги насмееш, да ги мотивираш и да ги натераш да се почувствуваат како дел од тим.

Во нашата работа не е важен само фудбалот. Тука се и дружењето, социјализацијата, хуманитарните акции, еко-акциите, заедничките патувања и летувања. Токму во тие моменти децата најмногу учат, се поврзуваат и се најсреќни.“

Трн: Како изгледа еден тренинг – повеќе игра или веќе има дисциплина?

Митко: „Кај децата мора да има и игра и дисциплина. Ако има само дисциплина, тренингот им станува тежок. Ако има само игра, не се создаваат навики. Затоа најважно е да се најде вистинска рамнотежа. Ние се трудиме децата да учат низ игра – да научат да слушаат, да почитуваат правила, да соработуваат со другите и да разберат дека тимот е поважен од поединецот. Тоа се лекции што не им требаат само на терен, туку и во животот.

Кога детето ќе ги научи основните работи – редовност, почит, работа, одговорност и љубов кон спортот – успехот доаѓа многу полесно. А успехот не мора секогаш да значи професионална кариера. Успех е и кога ќе израсне здраво, воспитано, самостојно и сигурно дете.“

Трн: Што ве прави најсреќен во оваа работа?

Митко:„Најсреќен ме прави дружењето со децата, нивните насмевки и моментот кога ќе видам дека нешто научиле преку игра. Тоа е посебно чувство.

Кога дете кое било срамежливо ќе почне да комуницира, кога некој ќе стекне самодоверба, кога ќе научи да помогне на другарче или да прифати пораз – тогаш знам дека сме направиле нешто повеќе од фудбалски тренинг.“

Трн: А што ве разочарува?

Митко: „Разочарувања има во секоја работа. Понекогаш тоа се нереални очекувања, неправди, а понекогаш недоволно почитување на трудот што тренерите го вложуваат со години. Создавањето на еден млад успешен фудбалер е долг процес во кој тренерите имаат важна улога. Тоа се многу тренинзи, енергија и време посветено на создавање здрави и успешни спортисти, но кога доаѓа моментот на ангажман на младиот фудбалер во професионални води многу често сме заборавени.

Тренерите што работат со деца, не само во фудбалот туку во сите спортови, имаат многу важна улога. Заедно со родителите и наставниците, ние учествуваме во создавање здрави генерации. Влијаеме врз нивното воспитување, навики, однесување и прифаќање на другите.

Затоа мислам дека и институциите и општеството треба повеќе да го ценат трудот на луѓето што секојдневно работат со деца.“

Трн: Спорт или телефон – кој победува денес кај децата?

Орце: „Телефоните денес имаат големо влијание врз децата и тоа е реалност што не можеме да ја игнорираме. Но спортот е уште поважен и секогаш треба да е на прво место – тој им  дава дисциплина, комуникација и вистински контакт со другите деца.

Како тренер, секогаш препорачувам децата што повеќе да пешачат и да тренираат некој спорт а со тоа и да стекнуваат самостојност. Родителите  исто така треба да ги охрабрат децата што повеќе  да бидат физички активни и да создаваат здрави навики уште од мали. “

Трн: Што учат децата на тренинг – освен фудбал?

Орце: „На тренинг децата учат многу повеќе од фудбал. Учат дисциплина, трпение, комуникација, почитување, прифаќање на другите и одговорност.

Кај нас тренираат и момчиња и девојчиња, деца од различни средини, и тоа е многу важно. На теренот нема поделби – таму сите се дел од ист тим. Преку спортот децата учат дека разликите не се пречка, туку нешто што треба да се прифати.

Фудбалот помага и во физичкиот и во менталниот развој. Им дава радост, самодоверба и чувство дека припаѓаат некаде.“

Трн: Каква е соработката со родителите?

Митко: „Има родители кои се навистина голема поддршка – присутни се, помагаат кога треба, учествуваат во подобрување на условите, донираат реквизити, опрема или помагаат околу просторот каде што тренираме. Благодарни сме за секој нивен ангажман. Сакам да знаат дека децата нема да го заборават тоа што возрасните го направиле за нив. Сè што ќе оставиме зад нас – подобри услови, подобар пристап, повеќе љубов кон спортот – останува за идните генерации.“

Трн: Која е најголемата грешка што ја прават родителите?

Mитко: „Најчеста грешка е кога родителите очекуваат резултат премногу рано. Кај малите деца не треба прво да гледаме голови и победи,  туку развој, навики и радост.

Родителите се многу важен дел од целиот процес. Кога тие го поддржуваат детето на правилен начин, без притисок, тогаш детето многу полесно напредува. Но ако спортот стане обврска, страв или натпревар со другите деца, тогаш се губи суштината.“

Трн: Дали сите деца треба да станат професионални фудбалери?

Орце: „Не, и не треба. Не секое дете мора да стане професионален фудбалер. Многу поважно е преку спортот да создаде здрави навики, дисциплина, пријателства и принципи.

Трн: Зошто вреди да се биде тренер на деца?

Митко: „Вреди затоа што преку спортот не создаваш само фудбалери, туку создаваш луѓе. Ги учиш децата да бидат упорни, да почитуваат, да се борат, да прифаќаат пораз и да се радуваат на успехот.

Фудбалот е игра, но за децата може да биде многу повеќе од тоа – простор каде што растат, се дружат, учат и стануваат подобри личности. За мене, тоа е најголемата вредност на оваа работа.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни