Што се случува со Пелешкиот мост во Хрватска? Проектантот тврди дека предупредувал уште пред отворањето

На Пелешкиот мост се откриени пукнатини на бетонскиот слој, а експерти и проектантот предупредуваат дека проблемот можел да биде спречен уште во фазата на изградба.

Пелешки мост, еден од најголемите инфраструктурни проекти во регионот, повторно е во фокусот на јавноста поради откриени пукнатини на делови од неговата бетонска конструкција, само неколку години по отворањето во 2022 година. Според информациите од Hrvatske ceste, станува збор за микропукнатини во заштитниот слој на бетон на одредени столбови, додека носивата конструкција на мостот не е загрозена. Планирано е отстранување на оштетениот површински слој до арматурата, по што ќе следи санација и дополнителна заштита.

Во институцијата наведуваат дека вакви појави не се невообичаени за големи мостови изложени на сол, влага, ветер и температурни промени, особено во морска средина. Според нив, мостот останува безбеден за сообраќај и не постои ризик по стабилноста.

Проектантот: „Ги предупредував уште пред отворањето“

Словенечкиот проектант на мостот Марјан Пипенбахер изјави дека на пукнатините предупредувал уште пред официјалното пуштање на мостот во употреба. Според него, проблемот не е во конструкцијата, туку во изведбата. Тој објаснува дека се работи за површински пукнатини настанати поради „пластично собирање на бетон“, односно брзо испарување на водата од површинскиот слој додека внатрешните слоеви сè уште се стегаат. Според него, ваквите пукнатини требало да бидат санирани уште во фазата на изградба.

„Во тие пукнатини навлегува сол и тоа е проблем“, предупредува проектантот, додавајќи дека правилна заштита со полиуретански премаз би ја зголемила трајноста на конструкцијата.

Тој нагласува дека и покрај проблемите, мостот не е структурно загрозен и дека со редовно одржување може да трае децении, но дека клучниот пропуст е во изведбата.

Што велат експертите?

И други независни стручњаци за мостоградба наведуваат дека не станува збор за конструкциски дефект, туку за изведбен пропуст или недоволна заштита на бетонската површина. Експертите посочуваат дека морската средина, солта и ветерот се очекувани фактори и биле познати уште при проектирањето, но дека токму затоа заштитата на бетонската обвивка е клучна за долгорочна трајност.

Според најавите, санацијата ќе се изведува по туристичката сезона и би можела да трае речиси една година. Работите ќе бидат покриени во рамки на гаранцискиот рок од десет години, но сè уште не е јасно кој конечно ќе ги сноси трошоците изведувачот или инвеститорот.

Кинеската компанија China Road and Bridge Corporation, која го изгради мостот, тврди дека конструкцијата е стабилна и безбедна и дека се работи за локализирани површински појави кои не ја загрозуваат носивоста.

Двете страни сè уште водат технички и договорни разговори околу санацијата и финансирањето, а конечен договор се очекува во наредниот период.

Иако официјално мостот останува безбеден за сообраќај, случајот повторно ја отвора дебатата за квалитетот на изведбата и долгорочната заштита на големите инфраструктурни проекти во екстремни морски услови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс