Експериментот што ги победи лошите програми и изгради свет без предрасуди

Како визијата на Џоан Ганц Куни и куклите на Џим Хенсон ја претворија сиромаштијата во училница и поставија темел за вистинска еднаквост кај децата
Фото: sesameworkshop.org

На 10 ноември 1969 година американската јавна телевизија го емитуваше првото издание на „Улицата Сезам“ (Sesame Street), детска емисија замислена како одговор на комерцијалниот хаос на малите екрани. Продуцентката Џоан Ганц Куни и психологот Лојд Морисет тргнаа од едноставна теза: ако телевизијата може успешно да им продава житарки и играчки на најмладите, може да ги научи да читаат и бројат. Проектот започна со фокус врз децата од работничките семејства и прерасна во највлијателната образовна платформа во светот.

Идејата за емисијата се роди три години пред премиерата, во текот на една вечера организирана во домот на Џоан Ганц Куни во 1966 година. Психологот Лојд Морисет, тогашен потпретседател на фондацијата Карнеги, забележал дека неговата тригодишна ќерка со часови хипнотизирано гледа во тест-сликата на телевизорот додека чека да почне програмата. Оваа опсервација доведе до клучно прашање: може ли силниот магнетизам на екранот да се искористи за корисна цел наместо за пасивна потрошувачка.

Куни подготви сеопфатен извештај за фондацијата Карнеги под наслов „Телевизијата како наставно помагало за предучилишни деца“. Документот лоцираше огромен образовен јаз кај децата што живеат во сиромаштија, чии родители немаа пари за приватни градинки или скапи книги. Со поддршка од американската влада и приватни фондации, тимот обезбеди почетен буџет од осум милиони долари и ја основаше непрофитната организација Children’s Television Workshop (денес Sesame Workshop).

Режисерите и едукаторите направија радикален потег при изборот на сценографијата. Наместо да создадат бајковита шума или стерилна училница, тие изградија реална градска улица инспирирана од Њујорк, со кафеави станбени згради од песочник, скалила пред влезовите и метални канти за ѓубре. Целта беше јасна: децата од сиромашните населби веднаш да се препознаат себеси и својата околина на екранот.

Клучниот визуелен идентитет го донесе генијалноста на Џим Хенсон. Дотогаш истражувачите сметаа дека куклите и вистинските актери мора да се појавуваат одделно за да не се збунат децата. Првите тест-проекции покажаа дека вниманието на најмладите паѓа веднаш штом куклите ќе исчезнат од екранот. Хенсон ги спои Големата Птица (Big Bird), Берт, Ерни, Оскар и Чудовиштето со бисквити (Cookie Monster) во директна интеракција со мешана актерска екипа составена од Афроамериканци, белци и Латиноамериканци.

Ваквиот отворен приказ на расна еднаквост и хармоничен соживот во 1970 година предизвика жестока реакција во јужните држави на САД. Државната комисија за образовна телевизија во Мисисипи гласаше за целосна забрана на емитувањето на „Улицата Сезам“, оценувајќи дека тамошната јавност сè уште не е подготвена за интегрирана програма. Забраната траеше само 22 дена, по што комисијата попушти под силниот притисок на јавноста и родителите.

„Улицата Сезам“ постави нов преседан со тоа што секој скеч, песна и анимација подлежеа на строги психолошки мерења пред емитување. Творечкиот тим воведе сегменти што наликуваат на телевизиски реклами, но наместо производи, тие агресивно ги рекламираа буквата „Б“ или бројот „4“.

Анализите на универзитетите Велсли и Мериленд подоцна утврдија дека децата што во раното детство редовно ја следеле серијата постигнуваат значително подобри резултати во основното образование. Ефектот беше најизразен кај момчињата од сиромашни семејства и децата од малцинските заедници. Дополнително, преку 200 независни меѓународни студии потврдија позитивен развој на социјалната емпатија, споделувањето и прифаќањето на различностите.


Денес оваа серија се емитува во над 150 земји ширум светот, а оригиналната формула останува непоразена: почитувај ја интелигенцијата на детето и користи го екранот за рушење, а не за градење предрасуди.

е-Трн да боцка во твојот инбокс