(Со) Стих спроти наратив: може ли поезијата да ја надгласа бучавата?

Поезијата, како и секоја друга уметноста до сега, може да биде форма на отпор, но и не мора. Не сметам дека поезијата може или треба да има една и единствена нишка по којашто треба да се развива во една ера. Да, постои поезија која што е ангажирана, која што е борбена, која што е критички настроена, која што може да биде форма на отпор. Секако, останува на авторите да го артикулираат отпорот како што тие мислат дека е најправилно.

Во време кога светот сè погласно комуницира преку кратки форми, политички наративи и алгоритамски филтри, поезијата повторно се враќа како простор за отпор, сомнеж, лична вистина и критичка мисла. Шестото издание на Скопски поетски фестивал се одржува во глобален контекст обележан со војни, дезинформации, политички поларизации и брза дигитална потрошувачка на содржини, поставувајќи прашање: каква е улогата на поезијата денес?

Со мотото „(СО) СТИХ СПРОТИ НАРАТИВ!“, фестивалот отвора простор за разговор за поезијата како форма на отпор, сведоштво, критика, но и како интимен простор што одбива да се вклопи во наметнатите општествени и политички шаблони. Во разговор со Јулијана Величковска и Андреј Медиќ Лазаревски зборуваме за Гинзберг, младите поетски генерации, политичноста на поезијата, културните заедници и можноста стихот и понатаму да биде гласен во време на бучава.

Трн: Шестото издание на Скопскиот поетски фестивал доаѓа во прилично турбулентен глобален контекст. Колку поезијата денес има капацитет да одговори на таква реалност?

Јулијана: Поезијата нема за задача да одговори на реалноста, можеби повеќе да ја бележи, да биде хроничар на збиднувањата од една многу важна човечка перспектива, низ призма на чувства (и сочувство), но и низ призма на разум, на будност, на свесност, со критички пристап. Турбулентниот глобален контекст трае многу долго време, ако ја погледнеме поголемата слика, тоа е и некоја константа, само прашање е каде поточно се посериозните последици од постојаните неприлики со кои се соочуваме, поблиску или подалеку од нас. Имено, првото издание на СПФ го организиравме за време на ковид-пандемијата, па само еден од гостите странци успеа да допатува, а учесници и публика можеа да бидат само вакцинираните, па следуваше војната во Украина, кризите во Авганистан, во Газа, сега и Иран… Постојано сме во свет на војни, еколошки катастрофи, криминал и корупција, во егзистенцијален страв од употребата на В.И. за слични цели, а сметам повеќе од јасно ни е дека поезијата не може да го смени светот, но може да го смени светогледот на поединецот.

Трн: Годинешното мото „(СО) СТИХ СПРОТИ НАРАТИВ!“ директно ја отвора врската меѓу поезијата, политиката и пропагандите. Дали поезијата денес е отпор, алтернатива или дел од истиот наративен шум?

Величковска: Ха-ха (се смее) поезијата не е едно нешто што може да се стави во тегла, да му се залепи етикета и да се затвори во некоја фиока. Поезијата е како океан во кој има секакви знајни и незнајни организми. Секако дека имало и има поезија што се пишувала и се пишува токму во служба на одредени системи. Од самите почетоци, во најстарите цивилизации, поетот имал и свештеничка улога и неговата задача била да ја докажува божјата природа на кралот, па ги имаме и дворските поети во Египет и Месопотамија, Пиндар во стара Грција пишувал оди за победниците, „Ајнеида“ на Вергилиј била објавена токму на барање на неговиот пријател, императорот Август, во нордискиот свет поетите наречени скалди биле дел од дворската придружба на кралевите и ги пишувале познатите саги во кои се опевале нивните херојства во битките, па во средниот век ги имаме трубадурите,  коишто честопати биле благородници, па дури и кралеви и влијаеле врз дворската култура во Европа, во Кина исто така најголемите поети биле државни службеници, во Велика Британија и денес постои титулата „поет лауреат“, или „кралски поет“, имаме и поети што биле во служба на сталинизмот и нацизмот, а денес нашите деца скандираат песни во кои се опеваат градоначалници! (Да, и текстот на таа песна е поезија. Како што кажав на почетокот, во океанот поезија има сешто.)

Но паричката има две страни. Низ вековите имаме и инакви примери, ќе почнам со Сапфо којашто наспроти епскиот наратив ја воведува интимата и личната емоција, па би ги споменала и таканаречените „проколнати поети“ во Франција, како Бодлер, Рембо, Верлен, или Лорка и Неруда, потоа, битниците, како што е и Гинзберг, чијашто 100-годишнина ја одбележуваме токму со годинашново издание на фестивалот, но и Мандељштам, или Ана Ахматова и Марина Цветаева, или Махмуд Дарвиш со неговите познати песни за цената на војните, па Силвија Плат и Ен Секстон, или Јумана Хадад и Марам ал-Масри, поетеси што жестоко ги застапуваат правата на жените, пеат против патријахалните авторитети, против војните и насилството…

Поезијата денес може да биде што сака, да заземе страна, да биде ангажирана, но има и целосно право да биде индивидуална, интимистичка, рефлективна (што според мене е исто така форма на отпор кон наметнатите очекувања за поетите)… Може да биде отпор, може да биде и дел од истиот наративен шум, како што велите. Нашата цел со фестивалот е да фрлиме светло врз наметнатите наративи и пропаганди  и да покажеме дека не сите (поети) ги „купуваат“ приказните.

Трн: Одбележувате 100 години од раѓањето на Ален Гинзберг, што од неговата поетика е најрелевантно за денешниот свет?

Јулијан: Ми се чини дека голем дел од неговата поетика е релевантна за денешниот миг. Ако говориме за песната „Рев“, што беше инспирација за нашето годинашно мото, ќе заклучиме дека ја содржи симболиката на она што и ние со ова издание на фестивалот сакаме да го адресираме. Живееме во времето на Минотаурот и Хронос, во времето што си ги јаде сопствените деца, а пропагандните „барабани“ се гласни во обид да ги придушат нашите крици. Затоа Гинзберг и неговиот Молох се порелевантни од кога било. Молох денес е тој „кошмар“, тој „суров судија на луѓето“, тој „огромен камен на војна“ и „ум што е чиста машинерија“. Без разлика дали станува збор за Газа, Украина или за бирократските и технолошките зандани на 21 век, Молох е тој што низ страв се обидува да ни ја одземе нашата „природна екстаза“.

Во свет на кампањи и лицемерни наративи, неговата поезија инсистира на вистината и на соголувањето. Гинзберг бил и ревносен поддржувач на младите, од чешките студенти во 1965 година бил прогласен за „Кралот на мај“, некој што се залагал за индивидуалните слободи, борејќи се против конформизмот, класичните општествени норми и цензурата. Тој и во „Рев“ пее токму за младите: „Пробиви! преку река! безумија и распетија! (…) Умови! Нови љубови! Луда генерација! долу карпите на времето!“

И ние како и Гинзберг ова го правиме за новите генерации. За гласните. За оние што одбиваат да ги хранат вечно гладните.

Трн: „Отскочна даска“ веќе пет години гради нова генерација поети. Како ја гледате младата поетска сцена кај нас – повеќе бунтовна или повеќе повлечена?

Андреј: Да, „Отскочна даска“ започна како идеја токму за им се даде простор на младите да се претстават себеси и своето творештво рамо до рамо со етаблираните домашни и поети од странство. Започна како настан на чие прво издание настапи мојата генерација поети, а потоа прерасна во настан којшто го бележи појавувањето на нови генерации млади поети. Годинава одбележуваме пет години од постоењето на „Отскочна даска“ со една голема читачка промоција на поетската панорама „Техна и Епистема“ која што ја приреди Јулијана Величковска, а каде што се застапени песни од сите досегашни учесници на овој настан. Во однос на тоа дали младите поети се бунтовни или повлечени, би рекол дека се активни и тоа многу активни. Во моментов е активна една нова, многу широка и многу посветена млада поетска генерација која многу чита книжевност, која се чита меѓу себе и која ги чита повозрасните поети. Поради тоа оваа генерација млади поети успева да изгради јасен критички однос кон општеството и сѐ што е гнило во него. Така што меѓу другото се развива и одредена бунтовност, но некоја младешка, наивна и неоснована бунтовност, туку напротив критичка, добро осмислена и бунтовност која има поголема цел.

Трн: Колку фестивали како овој успеваат да создадат вистинска заедница, а не само културен настан?

Андреј: Мислам дека е невозможно фестивал да не биде и заедница бидејќи фестивалите се прават од заедницата за заедницата. Најпрво ние како фестивалски тим сме една помала заедница која што во текот на целата година работи посветено за да ги оствариме овие три фестивалски денови. Потоа, сите гости без разлика дали станува збор за домашните или за гостите од странство ја надополнуваат таа заедница. Секако, фестивалите се и место каде што се запознаваш и со нови заедници од други земји, запознаваш и различни и нови култури и поетики. Сето тоа придонесува кон развивање на заедницата. Така што, да, можам да кажам дека Скопскиот поетски фестивал е вистинска заедница на поетите и на публиката која што почитува поезија и книжевност.

Трн: Во време на TikTok, кратки форми и брза консумација – дали поезијата се менува или одбива да се прилагоди?

Андреј: Времето се менува, медиумите се менуваат, начинот на комуникација и начините на кој добиваме информации се менуваат. Не мислам дека поезијата како таква целосно се менува или не се менува, не знам дали се прилагодува или не. Во историјата на книжевноста, авторите и нивната книжевност секогаш успевале да го пронајдат своето место во времето во кое што живееле и тоа некогаш е во текот со времето, а многу почесто е пливање спротиводно во знак на бунт, спротиставување, критика, обиди за подобрување на времето. Не сметам дека поезијата или уметноста значително е загрозена од кратките форми и брзите информација, сепак нема ништо поубаво од вистинско задлабочување во книга, размислување за неа и секако потоа и разговори, пишување, создавање.

Трн: Дали поезијата може да биде форма на отпор во ера на дезинформации и политички спинови?

Андреј: Поезијата, како и секоја друга уметноста до сега, може да биде форма на отпор, но и не мора. Не сметам дека поезијата може или треба да има една и единствена нишка по којашто треба да се развива во една ера. Да, постои поезија која што е ангажирана, која што е борбена, која што е критички настроена, која што може да биде форма на отпор. Секако, останува на авторите да го артикулираат отпорот како што тие мислат дека е најправилно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни