Поморски дрон од украинско производство бил пронајден во пештера во морскиот дел јужно од грчкиот остров Лефкада, објавија грчките медиуми повикувајќи се на информации од властите. Според првичните податоци, станува збор за беспилотно поморско возило од типот „Магура В3“, какви што Украина користи во нападите врз руски воени и логистички цели во Црното Море.
Дронот го пронашле рибари, кои забележале дека пловилото сè уште имало активен мотор. По откривањето, тие го предале на локалната крајбрежна стража, по што биле вклучени експерти за експлозивни направи и претставници на грчкото Министерство за одбрана. Според извештаите, на дронот биле пронајдени детонатори, но не и експлозивен полнеж, поради што се разгледуваат повеќе можни сценарија за неговата намена.
Грчките власти засега не соопштуваат како дронот стигнал до Јонското Море, ниту дали бил дел од конкретна операција. Дел од медиумите шпекулираат дека беспилотното пловило можеби било поврзано со потенцијални напади врз бродови од таканаречената руска „флота во сенка“, која се користи за транспорт на руска нафта надвор од западните санкции. Истражителите, пак, ја разгледуваат и можноста дронот да бил користен за други нелегални активности, вклучително и транспорт на дрога.
Инцидентот предизвика внимание во регионот бидејќи ретко се случува воена беспилотна направа поврзана со војната во Украина да биде откриена толку далеку од зоната на директните судири. Дронот ќе биде пренесен во воен објект за дополнителна анализа, додека грчките служби продолжуваат да утврдуваат од каде потекнува и која била неговата мисија.