Тунелите под Брисел, електронската музика и животот без постојана адреса се почетната точка на „Како гори пепелта“, романот на Милош Димковски за личните трауми, промените и потрагата по себеси. Но, зад приказната што почнува на технофестивал, се отвораат прашања што одат подлабоко од музиката и патувањата: каде припаѓаме, што нè тера постојано да заминуваме и дали некогаш навистина можеме да побегнеме од сопствените дилеми?
Пошироката публика го запозна како Евгениј Хоуп, псевдонимот под кој ја објави „Парада на марионетите“. Денес, Димковски повторно пишува и се потпишува своето име, со искуство на човек што живеел на различни адреси, патувал низ Европа и престојувал на далечни острови, но сфатил дека некои одговори не се наоѓаат со заминување, туку со застанување.
За Трн зборува за романот „Како гори пепелта“, за електронската музика како начин на поврзување, за генерацијата што бара причина да остане и спокојот што го пронаоѓа во семејната викендичка во Јачинце.

Трн: „Како гори пепелта“ почнува на технофестивал во тунелите под Брисел. Зошто токму под земја, а не на површината на градот?
Mилош: Првата причина е тоа што лично бев на технофестивалот во тунелите под Брисел кога сфатив дека го имам почетокот на романот. Од тој момент приказната почна сама од себе да се одмотува и постепено го доби обликот што денес го носи насловот „Како гори пепелта“ https://kniga.mk/p/11482/kako-gori-pepelta
Втората причина е тоа што тунелот сам по себе претставува премин од една состојба на постоење во друга. Токму со тоа се соочуваат Лазар, Лусија и Даниел во книгата. Оттука почнува нивното соочување со личните трауми, со она што самите го потиснале и со сопствените скриени страни. Старото „јас“ се распаѓа до непрепознатливост, а новото претставува непозната, па и опасна територија.

Трн: Технофестивалот и необичната фреквенција се важни за заплетот. Каква улога има електронската музика во романот, дали е атмосфера, бегство, јазик или начин да се открие нешто што не може да се изговори?
Mилош:Пред сè, таа е бегство, кое истовремено станува јазик за подлабока комуникација меѓу оние што знаат вистински да ја слушнат. Во романот, подиумите за играње не се само места за забава, туку простори во кои човек може да избега од реалноста, да престане да се повредува, да допре до другите и до себеси преку движење, допир и препуштање.
Тоа е свет во светот, кој престанува да постои кога ќе се вклучат светлата и ќе се изгасне музиката. Мислам дека сите имаме потреба, а и треба да си дадеме шанса, да се изгубиме во светот на електронската музика. Таа знае да ги поврзе луѓето кога зборите исчезнуваат.
Трн: Дали додека го пишуваше романот имаше конкретна музика што ја слушаше? Ако „Како гори пепелта“ беше диџеј-сет, како би звучел?
Mилош: Пишувам во тишина. Дури и најмалата бучава знае да ме извади од пишувачкиот тек. Но пред и по пишувањето секогаш ме придружува музиката. Ако морам да изберам еден диџеј-сет, тоа би бил сетот на Anetha од DGTL Amsterdam.
Трн: Една од критиките вели дека ова е роман за генерацијата што е постојано во движење и без постојана адреса. Се чувствуваш ли како глас на таа генерација или само како еден нејзин сведок?
Mилош: За ова сведочам уште од факултетските денови. Можеби во последните три години имам постојана адреса во Брисел, но не знам до кога ќе биде така. Пред тоа постојано бев во движење и мислев дека тој номадизам никогаш целосно нема да исчезне од мене.
Веројатно се заситив од постојаните промени и нестабилноста што одеше рака под рака со нив. По години патување низ Европа, како и по неколкумесечните престои на Малдивите, во Мексико и на Занзибар, морав да се смирам и да расчистам некои животни дилеми. Истите прашања можеме да ги влечкаме со себе од град во град, од држава во држава, а сепак да не стигнеме до одговорите. Понекогаш најпаметно е да застанеме и да се соочиме со она што треба да го разбереме за себе во одреден период од животот.
И ова морам да го додадам: дури и во Брисел, ова ми е четвртата адреса на која живеам. Има убавина и во тоа, само треба да знаеш да ја препознаеш.

Трн: Што мислиш дека најмногу ѝ недостига на генерацијата што има многу можности да патува, но често нема чувство на стабилност и припадност?
Mилош: Поврзаност со себеси. Како сите да стануваме туѓинци на самите себе. Без разлика каде одиме, стабилноста и припадноста доаѓаат однатре.
Трн: Во регионот, од Тирана до Софија, младите оваа есен излегуваат на улица со барања што се сведуваат на едно: дајте ни причина да останеме. Што би те натерало тебе да се вратиш?
Mилош: Спокојот што го наоѓам во нашата семејна викендичка во селото Јачинце.
Трн: Пошироката публика те знае како Евгениј Хоуп, особено по „Годините кога научив да летам“. Зошто пишуваваше под псевдоним и што се промени кога почна да се потпишуваш со вистинското име?
Mилош: Под псевдонимот Евгениј Хоуп ја објавив втората книга, „Парада на марионетите“. Со тоа сакав да претставам еден позрел дел од себе, оддалечен од фантастичните светови со самовили, џуџиња и магии, со кои почнав да пишувам на четиринаесетгодишна возраст.
На тој начин му дадов нов идентитет на мојот раскажувачки глас. Неколку години подоцна почнав да се чувствувам тесно во сопствената кожа, па прво им се препуштив на автостоперските патувања и на други патешествија. Така Евгениј Хоуп прерасна во патувач и раскажувач од најубавите предели во Македонија до европските метрополи и егзотичните острови.
Кога во ноември 2024 година повторно се посветив на сè што дотогаш имав напишано, на последните страници од мојот прв роман, „Мистергонија“, ја препознав идејата од која подоцна се роди „Како гори пепелта“. Тогаш знаев дека морам да донесам важна одлука: да го зачувам Евгениј Хоуп за себе и да му се вратам на сопственото име, Милош Димковски, и да застанам цврсто зад него, како што отсекогаш сум сакал.
Трн: Првото дело, „Мистергонија“, го напиша на четиринаесет години. Што би му кажал на тоа момче од Куманово денес?
Mилош: Да не биде престрого кон себеси. Често си го повторувам тоа и денес. Работите не се толку страшни колку што изгледаат на прв поглед.
