Од Buddha-Bar и култниот Café del Mar до клубовите во Амстердам, Ибица и Санторини, Марга Сол гради меѓународна кариера со препознатлив музички потпис. Настапувала пред светски познати имиња, а нејзината музика ја промовирал и легендарниот Roger Sanchez. Денес, по повеќе од две децении на меѓународната сцена, искуството го вложува во сопствените издавачки куќи и големи музички проекти со Warner Music и Virgin Music.
Од Македонија до Ибица, од резидентските ангажмани на престижни музички локации до соработките со меѓународни издавачки компании, патот на Марга Сол е приказна за упорност, автентичност и познавање на музичката индустрија од двете страни на сцената. Во разговорот за Трн.мк зборуваме за нејзината интернационална кариера, искуствата што ја обликувале, цената на успехот, заштитата на авторските права, предизвиците што ги носи вештачката интелигенција и можностите за македонската музика надвор од границите.
Трн: Вашата музика се слуша на места како Café del Mar и Buddha-Bar, а вашата кариера ве поврзува со меѓународната музичка сцена. Кој беше моментот кога почувствувавте дека вашиот звук навистина стигнал до светот?
Марга: Ибица за мене отсекогаш била повеќе од дестинација за настапи. Уште при првото доаѓање почувствував дека припаѓам таму и по духот, и по музичкиот сензибилитет. Како тинејџер растев со легендарните компилации на Café del Mar, кои подоцна силно влијаеја врз мојот авторски звук. Еден период живеев во Палма де Мајорка и често патував на релација Палма–Ибица поради настапи. Така, островот постепено стана дел од моето секојдневие.
Но еден момент особено ми остана во сеќавање. Седнав на кафе во Café del Mar и одеднаш ја препознав музиката што свиреше – беше моја песна. Чувството беше неверојатно: музиката што ја создавав сега звучеше на местото што некогаш ме инспирираше да ја создавам. Му пријдов на диџејот, му се претставив и му се заблагодарив. Разговорот заврши со покана да настапам со сопствен сет.

Од тинејџерка што ги слушаше тие компилации до артистка чија музика стана дел од истата приказна, тоа за мене беше еден од оние тивки, лични успеси што значат многу. Мојата музика стигнала таму пред мене, а јас сосема случајно влегов да нарачам кафе.
Трн: Вашата кариера ве водела од Buddha-Bar и Café del Mar до клубови во Амстердам, Ибица и Санторини, како и до настапи во Мексико, Карибите и Мајами. Настапувавте пред артисти како Thievery Corporation, David Penn, Chis Lake, Stereo MC’s, а Roger Sanchez ја промовираше вашата музика во своето шоу „Release Yourself“. Кои искуства најмногу ве обликуваа како артистка и како тие се одразуваат врз работата што ја правите денес?
Марга: Со години работев како официјален резидент-диџеј на Buddha-Bar. Еден период живеев во Оман, неколку месеци на Санторини, каде што исто така настапував како резидент-диџеј, а живеев и во Палма де Мајорка, од каде што често патував на Ибица. Секое лето настапувам во Café del Mar.
На фестивали и во клубови сум настапувала пред Thievery Corporation, Stereo MC’s, David Penn, Chris Lake… Три години настапував во MADAM, познатиот клуб со панорамски поглед во Амстердам, а Roger Sanchez ја промовираше мојата музика во своето шоу „Release Yourself“.
Посебни искуства ми се и приватните настапи на јахти во Монте Карло, во вили на Ибица и покрај езерото Балатон во Унгарија. Неколку години патував и настапував во Мексико, на Карибите и во Мајами.
Во последно време сум повеќе фокусирана на издавачките куќи што ги водам веќе 13 години и на големите музички проекти со Warner Music и Virgin Music, кои ги менаџирам. Токму поради состаноците и соработките со Warner Music, летово подолго престојував и во Рио де Жанеиро, Бразил. Сите овие искуства ми овозможија да ја запознаам музичката индустрија од различни перспективи и денес тоа знаење да го применувам во новите проекти.
Трн: Зад меѓународниот успех стои и долгогодишна правна битка за вашата музика и артистички идентитет. Како го преживеавте тој период и што научивте од него?
Марга: Најтешко беше да гледам како мојата музика патува низ светот, а јас немам контрола врз сопствената работа. Се продаваше без мое знаење и се користеше од големи светски брендови, додека истовремено се соочував со блокирани профили на социјалните мрежи и обиди да се наруши мојот професионален кредибилитет.
Тоа го доживував многу лично. Во секоја композиција има дел од мене, спомен, емоција, период од животот. Кога некој ти ја одзема контролата врз такво нешто, чувствуваш како да ти одзема дел од сопствениот идентитет.

Следуваа години правни постапки, многу неизвесност и огромно вложување време, енергија и финансиски средства. На крајот успеав да ги заштитам својот каталог и својот идентитет, но од тој процес излегов со поинаков поглед кон музичката индустрија. Сфатив дека артистот мора да знае и што потпишува, кому му ги доверува своите дела и како да ги заштити.
Токму од тоа искуство, пред 13 години, се роди M-Sol Records. Сакав да создадам издавачка куќа во која ќе можам да стојам зад сопствената музика, но и да бидам соработник каков што мене ми беше потребен во тој тежок период. Тоа што за малку ќе ме натераше да се откажам, всушност ми даде причина да почнам нешто свое.
Трн: Денес работите и од другата страна на музичката индустрија, преку сопствените издавачки куќи и соработките со Virgin Music и Warner Music. Што научивте за функционирањето на светскиот музички пазар?
Марга: Како артистка, знам што значи да создадеш песна. Како сопственичка на M-Sol Records, M-Sol DEEP и Tibetania Records, знам колку работа почнува токму откако песната ќе биде завршена. Ангажманот како проектен менаџер на меѓународни проекти поврзани со Warner Music и Virgin Music дополнително ми ја проширува таа слика.
Публиката ја слуша музиката, но зад тие неколку минути стојат договори, авторски права, лиценци, дистрибуција и одлуки што можат да ја одредат иднината на едно дело. Затоа ми е важно да ги разбирам и креативната и деловната страна – секоја одлука на хартија може да има последици врз нешто што си го создал со многу емоција.
Денес една песна може да стигне до светот за неколку секунди, но вниманието се освојува тешко. Стримовите и социјалните мрежи влијаат врз кариерите, а вештачката интелигенција нè тера одново да размислуваме што значи да се биде автор. Артистот мора постојано да учи и да ги познава своите права, без притоа да дозволи трендовите да му го диктираат секој следен чекор. Бројките покажуваат колку луѓе те слушнале. Сопствениот печат им дава причина да те препознаат и следниот пат.
Трн: Што мора да знаат младите артисти пред да потпишат договор со издавач или дистрибутер?
Марга: Би им порачала да му посветат внимание на договорот исто како што ѝ посветуваат внимание на песната. Во студиото внимаваме на секој тон, а понекогаш потпишуваме нешто што ќе ја одредува судбината на нашата музика со години, без целосно да го разбереме.
Важно е да знаат кому ги отстапуваат правата, за колку време, што задржуваат и како ќе бидат исплатени. Авторските и сродните права, лиценцирањето и дистрибуцијата се дел од нивната кариера, дури и кога делуваат далечно од креативниот процес.
Не мора секој артист да биде правник, но мора да се чувствува слободен да праша, да побара објаснување и стручен совет пред да потпише. Љубовта кон музиката нè поттикнува да создаваме, а информираноста ни помага да го зачуваме тоа што сме го создале.
Трн: Со Adriatica Records сакате да создадете мост меѓу Балканот и светот. Каква е вашата визија и што ѝ недостига на Македонија за да стане посилен музички извозник?
Марга: Кај нас има музика што заслужува да се слушне многу подалеку. Она што често недостига е патот од добра песна до вистинската публика – знаење за издаваштвото, добро осмислена промоција, контакти и континуирана работа. Објавувањето на песната е само почеток; вистинскиот предизвик е што правиш со неа потоа.
Верувам во македонските артисти и во нивниот потенцијал да остават свој печат на меѓународната сцена. Со таа идеја ја создадовме Adriatica Records, заедно со искусни професионалци од музичката индустрија.
Сакаме да изградиме посилна врска меѓу македонската и регионалната сцена и светската публика, со конкретна поддршка за артистите и долгорочна работа на нивните изданија. Амбицијата ни е музиката од Балканот да добие простор во светот токму поради она што ја прави посебна.
Трн: Меѓу имињата што се приклучуваат на Adriatica Records се Архангел, Тамара Тодевска и DJ Никифор. Што сакате да постигнете со овој проект?
Марга: Особено ме радува што меѓу првите македонски имиња во Adriatica Records се Архангел, Тамара Тодевска и DJ Никифор – артисти со различен звук, но со силен сопствен идентитет. Очекуваме да ни се придружат и други значајни имиња од Македонија и Балканот. Истовремено, сакаме да им дадеме простор и на младите артисти што допрва имаат што да кажат и храброст да да застанат позади својот звук.
Директната соработка со Virgin Music ни отвора можности оваа музика да ја претставиме пред поширока меѓународна публика. Нашата задача е тие можности да ги претвориме во конкретни чекори за секое издание и секој артист. Верувам дека токму карактерот и разновидноста на музиката одовде можат да го привлечат вниманието и надвор од регионот. На почеток сме, но веќе имаме музика зад која со гордост стоиме и многу причини да гледаме напред.
