Во време кога брзата мода произведува нови трендови побрзо отколку што успеваме да ги следиме, две македонски дизајнерки избираат поинаков пристап. Сања Стојановски и Евгенија Зафировска Трајкова во центарот на Љубљана го отворија CANVAS – Fashion. Art. Living., концептуален простор во кој авторскиот дизајн, рачната изработка и личниот израз се поважни од масовното производство.
Но, CANVAS не е замислен само како место за купување облека, накит и дизајнерски производи. Нивната идеја е да создадат платформа на која македонските, словенечките и меѓународните автори ќе се поврзуваат, ќе разменуваат идеи и ќе добиваат нови можности за претставување. Во интервју за Трн, разговараме со двете дизајнерки за предизвикот да се изгради сопствен простор на развиената љубљанска дизајнерска сцена, за опстанокот на независните брендови во ерата на брзата мода и за тоа зошто македонскиот дизајн не треба да остане затворен во локални рамки.

Трн: CANVAS не го замислувате како класичен concept store. Што сакате посетителот да почувствува или открие кога ќе влезе во просторот, а не само што да купи?
CANVAS не е место каде што само се разгледуваат артикли и се купува гардероба. Кога некој ќе ја премине прагот, сакаме да почувствува мир, инспирација и чувство на припадност кон нешто автентично. Ова е простор што ја бавно ја отвора својата приказна – каде што убавината на материјалите, рачната изработка и вниманието кон деталите се допираат со сетилата. Сакаме посетителите да откријат дека зад секој предмет стои живо човечко битие, лична емоција и часови посветена работа. CANVAS е простор што го успорува времето и ви дозволува да се поврзете со естетиката на подлабоко ниво.
Трн: Вие сте две македонски дизајнерки кои отвораат сопствен креативен простор во центарот на Љубљана. Колку е тешко да се изгради свое место на сцена која веќе има развиена модна и дизајнерска култура?
Словенија има извонредно богата, развиена и префинета модна и дизајнерска култура, што од една страна е инспиративно, а од друга – голем предизвик. Луѓето овде имаат изграден вкус и знаат да ја препознаат квалитетната изработка и добрата приказна. Не беше лесно да се најде своето место на оваа сцена, но токму тоа ни даде ветар во грб. Не дојдовме да се натпреваруваме, туку да понудиме нешто поинакво, свежа енергија и поинаков естетски ракурс кој носи топлина од југот, споена со европски рафиниран израз.
Трн: CANVAS собира автори од Македонија, Словенија и пошироко. Дали замислата е просторот да стане мост меѓу македонските и европските креативци?
CANVAS: Апсолутно. Една од нашите најголеми желби и мисии е токму тоа – CANVAS да функционира како жив мост меѓу македонската креативна сцена и европските текови, со посебен фокус на Словенија и регионот. Но, тој мост за нас не е еднонасочен. Напротив, сакаме заедно со словенечките дизајнери и автори, како и со креативци од поширокиот регион, да создадеме простор за меѓусебно поврзување, размена и нови можности.
Сакаме македонските автори да добијат видливост и простор на европскиот пазар, но истовремено и локалната публика во Љубљана да има можност да се запознае со исклучителни словенечки, регионални и европски креативци кои размислуваат на иста бранова должина. Токму таа разновидност е она што CANVAS го прави посебен.
Трн:.Во време кога модата станува сè помасовна и побрза, вие зборувате за „помалку масовност, повеќе личност“ и „помалку трендови, повеќе авторска приказна“. Што значи тоа конкретно во изборот на брендовите што ги претставувате?
CANVAS: Конкретно, тоа значи дека избираме брендови кои свесно се отфрлаат од конфекциското производство. Работиме со автори кои користат одржливи материјали, лимитирани серии, рачна изработка и традиционални техники преведени во современ јазик. Секој бренд во CANVAS има име, лице и заднина – тие раскажуваат приказни за зачувување на занаетите, еколошка свест и бескомпромисен уметнички израз. Кога купувате од тука, не купувате само парче облека или аксесоар, туку инвестирате во една мала уметничка творба.
Трн: Колку е денес тешко еден независен дизајнер или мал бренд да преживее без да се вклопи во логиката на масовната мода и брзите трендови?
CANVAS: Денес е крајно тешко. Брзата мода диктира нереални темпа, ниски цени и постојано следење на минливи трендови, со кои малите независни брендови едноставно не можат, а и не треба да се натпреваруваат. Нашата сила лежи токму во бескомпромисниот квалитет, уникатноста и етичкиот пристап. За среќа, се појавува сè поголем број освестени купувачи кои се замориха од едноличната масовна понуда и сакаат нешто што има душа и трајност.
Трн: Дали CANVAS е и ваш начин да ја смените перцепцијата за македонскиот дизајн надвор од Македонија, од нешто локално во нешто што може да биде рамноправен дел од регионалната и европската сцена?
CANVAS: Тоа е една од нашите најголеми мотивации, но не и единствената. Сакаме да покажеме дека македонските дизајнери се моќни, иновативни, софистицирани и апсолутно рамноправни учесници на европската креативна сцена.
Но, исто толку ни е важно CANVAS да биде простор во кој заедно со словенечките и регионалните автори ќе создаваме една поширока приказна. Не сакаме само да донесеме нешто од Македонија во Љубљана, туку да создадеме место каде што различни култури, естетики и авторски ракописи ќе се сретнат и ќе се надополнуваат.
CANVAS за нас е токму тоа – заедничка платформа на која македонските, словенечките и европските креативци можат да стојат рамо до рамо, без граници и без поделба на „локално“ и „странско“.


Трн: Како ја замислувате иднината на CANVAS, како продавница, галерија, место за изложби и настани, платформа за млади автори или нешто што допрва ќе го дефинирате?
CANVAS: CANVAS не го замислуваме само како статична продавница, туку како динамичен организам. Во иднина го гледаме како место кое организира интимни изложби, промоции, панел-дискусии и работилници. Сакаме да бидеме отворена платформа каде младите автори ќе можат слободно да експериментираат и да се претстават пред публиката. CANVAS ќе расте и ќе се обликува органски, водеn од потребите на заедницата што ја градиме околу него.
Трн: Ако некој Македонец влезе во CANVAS во Љубљана, што би сакале да види и да си помисли за креативната сцена од …
CANVAS: Би сакале да влезе со насмевка, со чувство на гордост и припадност, и да си помисли: „Ова е светско, ова е модерно, а во исто време носи дел од мојот дом и мојот идентитет“. Сакаме да почувствува дека креативната сцена од која доаѓа е полна со визија, храброст и врвен квалитет што може достоинствено да се носи каде било во светот.