Влатко Стефановски ќе одржи концерт под наслов „Acoustic Night” на 17 декември 2026 година, со почеток во 20 часот, во Македонската филхармонија во Скопје. Познати се и имињата на музичарите кои ќе му се придружат на сцената. Покрај Стефановски, ќе настапат Мирослав Тадиќ, Дамир Имери, Горан Бојчевски, Зарина Првасевда, Maria Didraga, Наум Петрески, Јан Стефановски и Иван Кукиќ.
Публиката ја очекува вечер исполнета со врвно музицирање, безвременски композиции и посебен акустичен звук.
Програмата носи пресек на богатата кариера на Влатко Стефановски, од музиката на култната група „Леб и сол” до најпознатите композиции од неговата соло-кариера. Во акустичните аранжмани до израз ќе дојде препознатливата комбинација на рок, џез, етно и класична музика, како и виртуозноста по која Стефановски е познат со децении.
Посебна димензија на концертот ќе му дадат заедничките настапи со музичари со различни музички сензибилитети, кои ги поврзува љубовта кон врвното музицирање и истражувањето нови звуци. „Acoustic Night” носи средба на исклучителни музички личности и композиции што одбележале генерации слушатели.
Влатко Стефановски е еден од најзначајните гитаристи на регионалната музичка сцена. Широката популарност ја стекна како основач и гитарист на легендарната група „Леб и сол”, а во текот на својата богата соло-кариера оствари бројни соработки со домашни и меѓународни музичари и компонираше музика за филм, театар и балет.
Концертот „Acoustic Night” во Македонската филхармонија ќе ѝ овозможи на публиката да ги доживее Стефановски и неговите музички пријатели во поинтимна концертна атмосфера, со акцент на емоцијата, импровизацијата и моќта на музиката во живо.
Влезниците се достапни на “karti.com.mk” (https://karti.com.mk/).
