Студентскиот дом Стив Наумов во Скопје се соочува со сериозни дефекти помалку од еден месец откако беше пуштен во употреба по темелната реконструкција. Студентите кои живеат во објектот алармираат дека вода протекува низ ѕидовите во собите, парното греење не функционира, а оштетувањата на ролетните стојат неотстранети уште од вселувањето. Иако надлежните институции најавуваа современи услови и комплетна промена на инсталациите, станарите на терен сведочат за влага и бавна институционална реакција, објавија од „Студентаријамк“
Станарите во студентскиот дом се обратија до платформата Студентарија, посочувајќи дека проблемот не настанал преку ноќ. Првите знаци на влага биле забележани и пријавени веднаш по вселувањето.
Според сведоштвата на студентите, надлежните служби не интервенирале навреме. Состојбата во меѓувреме ескалирала, па водата почнала директно да навлегува низ ѕидните површини. Ваквата хаварија отвора директен ризик за оштетување на покуќнината, но и за појава на мувла во просториите каде што младите треба да учат и престојуваат.
Студентскиот дом беше официјално пуштен во употреба во септември 2026 година по реконструкција што Министерството за образование и наука (МОН) ја најави како темелна и сеопфатна. Јавните планови предвидуваа буџет од околу 10 милиони евра за овој проект.
Како главен сегмент од градежните зафати беше наведена комплетната замена на внатрешните инсталации. Сепак, покрај пробивањето на водата низ новите ѕидови, станарите во октомвриските денови се соочуваат со студени радијатори и нефункционални ролетни. Овие недостатоци биле забележани уште при првото влегување во собите.
Студентите упатија јавен апел до раководството на домот и ресорното министерство за неодложно излегување на терен и отстранување на дефектите пред да започнат зимските ниски температури.
