Во акциската контрола спроведена на 15 октомври, од 14 до 20 часот, Министерството за внатрешни работи регистрирало 541 прекршок за брзо возење низ државата. Неколку дена подоцна, Одделот за внатрешна контрола поднел кривична пријава против сообраќаен полицаец од Тетово, осомничен дека на двајца возачи фатени како возат со повеќе од 150 километри на час им изрекол значително поблаги санкции од предвидените со закон.
Повеќе прекршоци во населени места отколку надвор од нив
Од вкупно 541 прекршок за брзо возење, 291 биле регистрирани во населени места, а 250 надвор од нив. Во контролата биле откриени и 58 прекршоци од друг вид.Податокот дека повеќе возачи ги пречекоруваат ограничувањата во населените места, каде што се движат пешаци, деца и велосипедисти, е особено важен од аспект на безбедноста во сообраќајот.
МВР најавува дека засилените контроли ќе продолжат и апелира до возачите да ги почитуваат ограничувањата на брзината и да го приспособат возењето на условите на патот.
154 км/ч, а казна од 45 евра
Случајот од Тетово отвора прашања и за постапувањето на полициските службеници. Според МВР, полицискиот службеник К. С. од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово добил информација од колега кој управувал со радар дека треба да запре две возила што се движеле со брзина од 154 и 151 километар на час на пат со ограничување од 100 километри на час.
Откако ги запрел возилата, на едниот возач му издал писмено предупредување, а на другиот прекршочен платен налог со глоба од 45 евра.Според Одделот за внатрешна контрола, на двајцата возачи требало да им бидат изречени глоби од по 300 евра во денарска противвредност.
Против полицискиот службеник е поднесена кривична пријава за „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „несовесно работење во службата“. Според наводите на МВР, настанот се случил на почетокот на февруари минатата година.
Контролата мора да важи и за оние што ја спроведуваат
Само неколку дена претходно, Одделот за внатрешна контрола пријавил и полициски службеник од Полициската станица Драчево, кој надвор од работното време управувал возило со истечена регистрација и без положен возачки испит.
Во август, пак, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) повело постапка против сообраќаен полицаец осомничен дека во депото на „Градски паркинг“ наплаќал казни во готовина и ги задржувал парите. Тој, според сомневањата, и ги квалификувал прекршоците како полесни, со што на Буџетот му била нанесена штета од најмалку 85.500 денари.
Контролите на патиштата можат да откријат стотици прекршоци за неколку часа, но нивниот ефект зависи и од тоа дали санкциите се изрекуваат доследно и во согласност со законот.
