Од Франција до Грција: Што ги изнесе Европејците на улиците и зошто протестите се шират?

Скапите кири, растот на трошоците за живот, несигурните работни места и обвинувањата за корупција се меѓу причините за протестите во повеќе европски земји. Иако барањата се различни, незадоволството на младите и работниците станува сè повидливо.

Од Франција и Албанија до Грција, Италија, Португалија и Белгија, граѓаните излегуваат на улиците со различни барања, а владите се соочуваат со сè поголем притисок да одговорат на нивното незадоволство.

Додека некои власти повикуваат на дијалог и најавуваат преиспитување на спорните мерки, во други земји протестите се проследени со полициски интервенции и судири со демонстрантите.

Различни поводи, заедничко незадоволство

Париз, Тирана и Атина се меѓу градовите во кои протестите се особено видливи.Во Франција, незадоволството на младите, кое започнало како ученички штрајк, прераснало во поширок протестен бран и судири со полицијата.

Во Албанија, граѓани и опозицијата протестираат барајќи оставка од премиерот Еди Рама. Меѓу нивните барања се и одговорност за наводна корупција и противење на одредени контроверзни проекти. И Грција се соочува со бран незадоволство, при што Атина и Солун станаа центри на студентски протести и синдикални штрајкови.

Иако политичките и општествените околности се разликуваат од земја до земја, незадоволството на младите и работниците е сè поизразено.

Станбената криза и трошоците за живот во фокусот

Во Италија на улиците излегуваат студенти, работници и земјоделци, додека во Португалија во преден план е сè потешкото решавање на станбеното прашање. Во Лисабон, граѓани поставиле шатори на еден од централните градски плоштади за да укажат на проблемот со достапноста на становите.

Слични проблеми предизвикаа протести и во Шпанија претходно овој месец. Во Белгија, демонстрациите ги предводат синдикатите и студентите, незадоволни од мерките за штедење. Протестите во Брисел биле проследени со полициски интервенции, вклучително и употреба на солзавец и водени топови.

Зад различните поводи се повторуваат слични проблеми: повисоки трошоци за живот, несигурност на работното место и сè потежок пристап до домување.

За младите во градови како Милано и Лисабон, високите кирии се пречка за осамостојување, а можноста да обезбедат сопствен дом станува сè понеизвесна.

Од повици за дијалог до полициски интервенции

Одговорите на властите на протестите се разликуваат.

Албанските власти се соочуваат со барања за политичка одговорност и повици за преговори, додека португалската влада најавува ревизија на спорните одредби од законодавството за домување.

Грчките официјални претставници, пак, се обидуваат да ја смират јавноста со пораки дека стабилноста на земјата нема да биде загрозена.

Во други случаи, протестите се проследени со поостри полициски мерки. Во Франција се регистрирани судири со полицијата, а во други европски градови биле употребени водени топови и солзавец. Португалските власти интервенирале и поради шаторските кампови поставени за време на протестите.

Што бараат демонстрантите?

Барањата се движат од политички промени и оставки до конкретни мерки за ублажување на станбената криза и заштита на животниот стандард.

За едни, клучно прашање е политичката одговорност и борбата против корупцијата. За други, во центарот на незадоволството се високите кирии, трошоците за секојдневниот живот и неизвесноста на пазарот на трудот. Заедничко за многу од овие протести е чувството дека постојните политики не нудат доволно брзи или ефикасни решенија за проблемите со кои граѓаните се соочуваат секојдневно.


Протестите претставуваат сè поголем предизвик за европските влади, од кои се очекува да одговорат на барањата на граѓаните. Останува да се види дали најавените мерки и преговори ќе го намалат незадоволството или отсуството на конкретни решенија ќе ги продлабочи социјалните тензии.

е-Трн да боцка во твојот инбокс