Меѓународен ден на подигнување на свеста за пелтечењето

Меѓународниот ден на подигање на свеста за пелтечењето се одбележува на 22 октомври од 1998 година, со цел да се разбијат митовите за состојбата што ја има околу еден отсто од светската популација. Пелтечењето е нарушување на течноста на говорот поврзано со невролошки и развојни фактори, а не знак на нервоза, срамежливост или пониска интелигенција.

Што е пелтечење, а што не е?

Кога се спомнува пелтечењето, повеќето луѓе замислуваат повторување на слогови. Но, тоа е само една од неговите форми. Пелтечењето може да се манифестира и со продолжено изговарање гласови или со блокади, кога човекот знае што сака да каже, но не може да го изговори зборот.

Состојбата може да се менува од ден на ден. Истата личност понекогаш зборува речиси без тешкотии, а другпат пелтечењето ѝ го отежнува секојдневниот разговор. Најчесто се појавува во детството, како развојно пелтечење, но нарушувања на течноста на говорот може да се јават и подоцна, по повреда или болест.

Според американскиот Национален институт за глувост и други комуникациски нарушувања (NIDCD), меѓу пет и десет отсто од децата поминуваат низ период на пелтечење, а кај приближно три четвртини од нив состојбата со текот на времето исчезнува. Кај возрасните, пелтечењето е почесто кај мажите, а истражувањата укажуваат и на генетска предиспозиција.

Ниту еден од овие фактори не е доказ за лошо воспитување или за „слаби нерви“.

Довршувањето на реченицата не е помош

Денот го воспоставиле Меѓународната асоцијација за пелтечење, Меѓународната асоцијација за течност на говорот и Европската лига на асоцијации за пелтечење. Целта е луѓето што пелтечат да добијат простор да зборуваат за своите искуства, наместо другите да зборуваат во нивно име.

Оваа година асоцијациите го одбележуваат денот под мотото „Нијанси на пелтечењето: кои се твоите?“, со порака дека искуството на секој човек е различно.

Една од најчестите грешки на соговорниците е добронамерна: да ја довршат реченицата наместо личноста што пелтечи, да ѝ советуваат „смири се“ или „зборувај побавно“ или, пак, да го одвратат погледот. Поголема помош е да се почека, да се одржува природен контакт со очите и да се слуша содржината на кажаното, наместо вниманието да се насочува кон начинот на кој се зборува.

Во училница тоа значи детето што пелтечи да не биде изложено на потсмев кога чита на глас. На интервју за работа, пак, кандидатот не треба да биде оценуван според брзината на говорот, туку според знаењето, вештините и способностите.

Кралот што се бореше со говорот

Пелтечењето го имале и луѓе што се обраќале пред милиони. Британскиот крал Џорџ Шести се соочувал со тешкотии во говорот, а неговата приказна стана основа за филмот „Говорот на кралот“, добитник на Оскар за најдобар филм.

Поранешниот американски претседател Џо Бајден јавно зборувал за пелтечењето со кое се соочувал како дете, а актерката Емили Блант раскажувала како глумата и театарот ѝ помогнале да се справи со тешкотиите во говорот.


Во Македонија, стручна поддршка нудат логопедите, меѓу другото и во Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас во Скопје. Родителите треба да побараат логопедска проценка ако пелтечењето кај детето трае подолго, ако се влошува или ако детето почне да избегнува зборување. Раната проценка и соодветната поддршка можат да помогнат да се утврдат потребите на детето и да се избере соодветен пристап.

е-Трн да боцка во твојот инбокс