Македонската квиз репрезентација следниот викенд за прв пат ќе настапи на Светското квиз првенство во Сараево, каде што ќе ги одмери знаењата со најдобрите натпреварувачи во светот. Историскиот спортско-интелектуален успех се соочува со суровата реалност на ентузијазмот во земјава. Македонската квиз асоцијација (МКА) работи со минимален буџет, па репрезентативците се принудени сами да ги покријат патните трошоци, сместувањето и котизацијата, поради што упатија јавен повик за поддршка до општествено одговорните компании и институции.
Македонската квиз асоцијација (МКА) за прв пат од своето основање ќе учествува на највисокиот глобален натпревар во знаење. Идниот викенд во Сараево, македонските квизаџии ќе застанат рамо до рамо со светската елита, означувајќи го првото официјално претставување на земјата на ваква меѓународна сцена.
Заедницата која со години гради пасија кон знаењето преку локални натпревари сега добива шанса директно да ги тестира капацитетите против глобалните шампиони.
Зад спортскиот и интелектуалниот резултат стои волонтерски труд без финансиска поддршка. МКА функционира исклучиво на граѓански ентузијазам, без стабилен буџет или државни дотации за меѓународни настапи.
Учесниците во репрезентацијата во моментов сами ги финансираат патувањето, ноќевањата и официјалната котизација за учество на шампионатот.
„Ги повикуваме сите општествено одговорни компании и институции што сакаат да станат дел од оваа приказна да нè контактираат. Секоја помош е добредојдена. Да го ставиме македонското име на светската квиз мапа“, порачуваат од МКА.
Сите заинтересирани субјекти можат директно да стапат во контакт со организацијата преку електронската адреса mka.mkd21@gmail.com или преку порака на нивните официјални социјални мрежи.
