Градоначалникот ја објави за јавно засрамување, скопјанката одговори: Отпадот е уредно платен, очекувам извинување

По јавната прозивка на социјалните мрежи за создавање дива депонија, жителка на Аеродром најави тужба за клевета и тврди дека подигањето на мебелот веќе било закажано во општината.

Обидот на Општина Аеродром преку социјалните мрежи јавно да посрами граѓанка за наводно неодговорно фрлање кабаст отпад предизвика остар пресврт. Градоначалникот Дејан Митески објави фотографии од жена покрај стар мебел до контејнери со порака за казнување дива депонија. Жената веднаш се препозна во коментарите, посочи дека услугата за подигање на мебелот ја уплатила токму во општината со термин за подигање на 22 октомври 2026 година, и најави тужба за нарушување на угледот.

Митески на својот официјален Фејсбук профил сподели фотографии на кои јасно се гледа граѓанка во моментот кога остава делови од мебел во близина на контејнери. Тој оцени дека постапката претставува директна неодговорност и создавање нова дива депонија среде бел ден.

Во објавата, градоначалникот порача дека инспекциските служби веќе постапуваат на терен. Истовремено, тој ги повика жителите масовно да испраќаат фотографии и точни локации од соседи кои фрлаат смет надвор од садовите, со цел сторителите да бидат казнети.

Реакцијата не дојде од анонимен профил. Елена Рускова јавно и со име потврди дека таа е личноста од објавените слики. Во својот коментар, Рускова појасни дека не станува збор за диво фрлање, туку за редовна општинска процедура за која уредно поднела пријава и извршила плаќање.

„Очекувам брзо да си проверите во Општина и инспекција дека сè сум регуларна. И притоа очекувам јавно извинување“, порача таа.

Според нејзините наводи, официјалното преземање на кабастиот отпад од страна на општинските служби било закажано токму за денеска, 22 октомври 2026 година. Поради јавното изложување на социјалните мрежи без претходна институционална проверка, таа најави тужба за клевета и побара јавно извинување од градоначалникот.


Комуналните инспекции имаат законска надлежност да извршат увид, да побараат документи и да издадат соодветен платен налог или казна, наместо да иницираат јавен линч врз основа на фотографија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс