„Вучко сега ни е брат“ – откриените пораки на нарко-босовите директно го поврзаа Вучиќ со подземјето

Преписките објавени од неделникот „Радар“ покажуваат како шефовите на клановите договарале заштита, легални бизниси и бришење потерници со српскиот државен врв.
Фото: EPA/ANDREJ CUKIC

Новите пресретнати разговори од шифрираната апликација „Скај“, кои ги објави српскиот истражувачки неделник „Радар“, директно го сомничат Александар Вучиќ и неговото најблиско опкружување за соработка со организираниот криминал. Во тајната комуникација меѓу соработниците на Дарко Шариќ и водачите на шкалјарскиот клан, Вучиќ се споменува под псевдонимите „Оскар“ и „Чварак“. Криминалците во пораките тврдат дека добиле безбедносни гаранции директно од самиот врв на власта и дека соработувале со полицијата и разузнавачките служби.

Тајната кореспонденција водена преку криптираната мрежа открива како осудениот шеф на нарко-картел Дарко Шариќ од притвор одржувал постојан канал со власта. Во порака испратена на 3 јуни 2020 година до неговиот роднина Жељко Вујановиќ, Шариќ директно објаснува кој стои зад мистичниот прекар што со години се појавува во полициските досиеја.

„Овој Оскар им даде до знаење на сите дека тој одлучува за мене. Ќе чуеш од Милан. Вучиќ го викаме Оскар“, напишал Шариќ. Во подоцнежна порака од 20 ноември истата година, испратена до неговиот брат Душко Шариќ, наркобосот додава дека и второто кодно име, „Чварак“, се однесува на истото лице.

Разговорите документираат и редовни средби на соработниците на Шариќ со братот на претседателот, Андреј Вучиќ, како и со неговиот син Данило Вучиќ. Преку овие канали картелот собирал гласови за владејачката СНС на изборите во 2020 година, додека за возврат очекувал влијание врз судиите и претседателско помилување.

По апсењето на криминалната група на Вељко Беливук во февруари 2021 година, државниот апарат воспоставил директна комуникација со ривалскиот шкалјарски клан. Високопозиционираниот член на оваа група, Радомир Баќовиќ, на 24 февруари 2021 година му пренел на својот соработник Ален Курина дека понудата за соработка стигнала од највисокото место.

„Добивме понуда што не се одбива. И тоа директно од Вучко, брате. Не преку трета рака, туку директно на самиот врв. Вучко сега ни е брат. Андреј е главен, куме“, напишал тогаш Баќовиќ.

Според објавените транскрипти, криминалците барале отстранување на потерниците, вооружено обезбедување и влез во транспортни коридори. Главната логистика за нивниот безбеден престој во Србија, според наводите во преписките, ја воделе тогашниот министер за внатрешни работи Александар Вулин, тогашниот директор на БИА Братислав Гашиќ и актуелниот началник на Првата управа на БИА, Бојан Димиќ.


Поврзувањето на безбедносните структури со транснационалните нарко-мрежи претставува сериозна безбедносна закана за целиот регион на Западен Балкан. Српското обвинителство до денес нема покренато постапка за испитување на наводите за вмешаност на политичкиот врв во пресретнатите меѓународни полициски досиеја.

е-Трн да боцка во твојот инбокс