Во Мадрид беше промовирано шпанското издание на книгата „Во срцето на Шпанија“, посветена на македонските доброволци кои пред деведесет години учествувале во Шпанската граѓанска војна како дел од Интернационалните бригади.
Преводот и издавањето на шпанската едиција на оваа книга е на инцијатива на Македонската амбасада во Шпанија и со поддршка Министерството за територијални политики и демократска меморија на Шпанија, а по повод одбележувањето на 90 години од почетокот на шпанската граѓанска војна.
Книгата е авторство на Перо А. Коробар и Владимир Ивановски, објавена во 1975 година во која се содржани сведоштва, сеќавања и животни приказни на македонските доброволци во шпанската граѓанска војна.
„Денес не само што го претставуваме преводот на книга. Правиме нешто повеќе. Денес ги враќаме гласовите, сеќавањата, и животите на македонските доброволци, интер-бригадисти во Шпанија, на шпански јазик, кои пред деведесет години, пристигнале во Шпанија од далечна земја, и кои борбата на шпанскиот народ ја чувствувале како и нивна борба.“ „Ова дело, оваа книга – потврдува дека нивните сеќавања продолжуваат да живеат. А сеќавањата се важни, затоа што кога се сеќаваме, и даваме значење на жртвата. Затоа што кога се сеќаваме го враќаме достоинството, и затоа што кога се сеќаваме ги зајакнуваме вредностите врз кои се градат демократските општества. Оваа книга е мост помеѓу генерациите, и мост помеѓу Република Северна Македонија и Шпанија“. истакна амбасадорот на Република Северна Македонија во Кралството Шпанија, Едмонд Адеми.
Тој посочи дека преводот на шпански јазик претставува повеќе од книжевен или културен проект. Според Амбасадорот Адеми, значењето на книгата не е само во зачувувањето на историските факти, туку и во повторното откривање на човечките приказни зад нив.
На настанот свое обраќање имаше државниот секретар на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија Јовица Палашевски кој ја истакна важноста на овој настан.
„Овие мемоари, напишани од македонски доброволци кои се бореле во Шпанската граѓанска војна помеѓу 1936 и 1939 година, се многу повеќе од само страници во книга. Тие се сведоштво за заедничка историја. Оваа книга нè потсетува дека длабоката врска меѓу Македонија и Шпанија не е ништо ново. Таа беше создадена во претходниот век, во најтемните денови од војната, кога македонските борци застанаа заедно со шпанскиот народ за да го бранат човечкото достоинство“.
Во понатамошниот дел од обраќањето државниот секретар Палашевски се осврна и на билатералните односи меѓу двете земји, во повеќе области оценувајќи ги како одлични кои постојано се надградуваат и развиваат.
Меѓу македонските доброволци кои пристигнале во Шпанија биле луѓе од различни средини и градови, и различни по етничко потекло, но нивната храброст, и нивната верба потврдува дека солидарноста и човековата одговорност на познава географски граници.
Од 137-те македонски доброволци, 65 ги загубиле своите животи на боиштата во Шпанија, и секое од тие 137 имиња носи наследство што заслужува да биде запаметено – не само како дел од македонската историја, туку и како дел од заедничката европска и светска меморија на дваесеттиот век.
На настанот се обрати и шпанскиот државен секретар на демократска меморија Фернандо Мартинез Лопез кој го поздрави настанот нагласувајќи дека книгата не само што ги продлабочува историските врски меѓу Шпанија и Македонија, туку, пред сè, им оддава заслужено признание на македонските бригадисти, афирмирајќи ја нивната улога како борци за слобода.
Во рамките на настанот беше изразена благодарност до Министерството за територијална политика и демократска меморија на Кралството Шпанија, како и до д-р Алмудена Круз Јабар, заменик-директорка за промоција на демократската меморија, за поддршката во реализацијата на шпанското издание.
Шпанското издание на „Во срцето на Шпанија“ претставува своевиден мост меѓу две земји и две генерации – потсетувајќи дека заедничката историја не се создава само преку државни односи, туку и преку луѓе, нивните одлуки и нивната солидарност.
Претходно, македонската делегација предводена од државниот секретар на МНРиНТ Јовица Палашевски, во придружба на македонскиот Амбасадор во Мадрид, Едмонд Адеми, дипломати од македонската амбасада и претставник на шпанско-македонското здружение “Сонце“ “ положија свежо цвеќе на споменикот на Меѓународните бригади во Мадрид, каде оваа година е и поставена спомен плоча од страна на македонската амбасада во Мадрид во чест на македонските доброволци во шпанската граѓанска војна.
