„Индипендент“: Вучиќ нема да го признае поразот ако изгуби

Британскиот „Индипендент“ анализира како студентското движење стана сериозен противник на Александар Вучиќ пред изборите во Србија на 25 октомври. Во фокусот се неизвесниот исход, изборните нерегуларности и стравувањата од насилство.

Српскиот претседател во заминување Александар Вучиќ се обидува да се врати на премиерската функција и да ја продолжи доминацијата на Српската напредна странка (СНС), која е на власт повеќе од една деценија. Но, по масовните студентски протести што ја разнишаа неговата политичка позиција, студентското движење се наметна како сериозна пречка за неговите планови. Во пресрет на парламентарните избори на 25 октомври, исходот е неизвесен, а растат стравувањата од можни судири и непризнавање на изборниот резултат, пишува британскиот весник „Индипендент“.

По пешачењето и возењето велосипеди низ Србија во рамките на предизборната кампања, студентите во четврток треба да одржат завршен собир во Белград, за кој се очекува да привлече десетици илјади луѓе. Според оценките наведени во написот, листата на СНС и студентската изборна листа се во тесна трка, што дополнително ја зголемува неизвесноста околу исходот од гласањето.

Студентите сакаат да го променат неправедното општество

За разлика од средношколските протести во Франција, каде што младите бараат подобри услови за образование, студентското движење во Србија започна како борба за правда по трагедијата на железничката станица во Нови Сад, во ноември 2024 година, кога загинаа 16 лица.

Студентите побараа да се утврди одговорноста за смртта на загинатите, посочувајќи ја корупцијата како една од причините за трагедијата. Нивните барања добија широка јавна поддршка, а протестите се проширија низ целата земја, придонесувајќи за падот на владата и сериозно разнишувајќи ја политичката позиција на Вучиќ.

Професорот по психологија Александар Бауцал смета дека силата на студентското движење произлегува од искуството на генерација што пораснала во општество што го доживува како длабоко неправедно. „Сфатија дека, ако се откажат, ќе се откажат од сопствениот живот“, изјави Бауцал, еден од првите поддржувачи на студентите, кој сега се наоѓа на нивната изборна листа. Според него, тоа ги направило противник што не може лесно да се откаже од својата борба.

За помалку од две години, студентите се организираа во политичко движење со широка поддршка меѓу 6,4 милиони избирачи во Србија. Во неделата тие соопштија дека нивните состаноци се следат и дека властите планираат нови приведувања.

Движење без лидер, но со заедничка цел

Студентите велат дека нивниот успех се должи на демократскиот начин на функционирање и солидарноста, што претставуваат спротивност на политичкиот модел што го персонифицира Вучиќ.

„За нас беше важно да го разбиеме култот на личноста“, изјави за Асошиејтед прес Вукашин Ѓиновиќ, студент од Нови Сад.

Студентите се залагаат за демократија, толеранција и почитување на различните мислења, додава тој.

Движењето нема формален лидер, ниту портпарол. Студентите нагласуваат дека сите се рамноправни, без оглед на тоа од кој дел на Србија доаѓаат или на кој факултет студираат. Важните одлуки и планови се разгледуваат и се усвојуваат со гласање на пленумите собири на студентите на факултетите низ земјата.

Овој модел е во остар контраст со политичкиот систем во кој Вучиќ ја концентрира моќта околу себе, најпрво како премиер, а потоа и како претседател. Студентите, дејствувајќи како децентрализирано движење, се покажаа како противник што тешко може да се контролира или да се надмудри, дури и за искусен политичар кој во минатото лесно ги надминуваше своите противници.

Вучиќ вршеше силен притисок врз студентите, со приведувања, обвинувања за дејствување против државата и наводно следење. Сепак, поддржувачите на движењето сметаат дека притисокот само ја зајакнал нивната решителност.

Како студентите ја составија изборната листа

Студентската изборна листа била составена преку предлози и проверка на кандидатите на универзитетите низ Србија. Меѓу кандидатите за Народното собрание, кое има 250 пратенички места, има познати личности, но и помалку познати наставници, професори, стручњаци, спортисти, земјоделци и уметници.

Целта, според Ѓиновиќ, е да се смени власта што ја опишува како длабоко навлезена во корупција и поврзана со криминални структури, како и да се обноват демократските институции. Меѓу приоритетите се независните медиуми и создавањето услови за слободни и фер избори во иднина. Студентската листа подготвила и планови за економско и општествено закрепнување на земјата.

Неизвесност во пресрет на гласањето

Вучиќ води интензивна предизборна кампања откако минатиот месец поднесе оставка од претседателската функција, со цел повторно да се кандидира за премиер. Тој ги обвини противниците дека планираат да ја украдат изборната победа на неговата политичка опција, иако неговата партија ги контролира изборните органи и судството, се наведува во написот.

Српската напредна странка во минатото се соочувала со обвинувања за изборни нерегуларности, меѓу кои притисоци врз избирачите, поткуп и вештачко зголемување на избирачките списоци. Партијата ги негираше овие обвинувања.

Меѓународните набљудувачи и Европската Унија изразија загриженост во врска со безбедноста и регуларноста на претстојното гласање.

Аналитичарите стравуваат дека двете страни би можеле да прогласат победа во изборната ноќ, како и дека Вучиќ можеби нема да го признае поразот доколку неговата партија изгуби.

„Студентите јасно покажаа дека се сила што може да донесе промени, и како генерација и како политички фактор“, изјави Александра Крстиќ од Факултетот за политички науки во Белград. Според неа, токму тоа им влеало надеж на граѓаните дека по 14 години власт на Српската напредна странка работите можат да се променат.


Но, таа предупреди дека постои сериозен страв од ескалација на насилството. Изборите затоа не се само тест за поддршката на владејачката партија и студентското движење, туку и за способноста на институциите да обезбедат веродостоен изборен процес и мирно прифаќање на резултатите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс