Над 300 повредени на протестите во Албанија: Рама денеска најавува мерки против насилството

Од почетокот на студентските протести во Тирана на 13 октомври, повредени се 310 лица, меѓу нив 191 полицаец и 88 демонстранти. Премиерот Еди Рама денеска треба да претстави мерки против одговорните за насилните инциденти

Вкупно 310 лица се повредени од почетокот на студентските протести во Тирана на 13 октомври, соопштија албанските здравствени власти. Меѓу повредените има 191 припадник на полицијата, 88 демонстранти и 31 случаен минувач.

За време на синоќешните демонстрации, медицинска помош побарале седум лица, меѓу кои полицаец, малолетен демонстрант, претставници на медиумите и минувачи, објави „Еуроњуз Албанија“.

Според податоците на здравствените власти, објавени синоќа во 21 часот, четворица минувачи се обратиле во Универзитетската болница за трауматологија. Еден од нив, претставник на меѓународен медиум, бил пуштен по укажаната медицинска помош и не е во животна опасност.

Уште еден минувач ја напуштил болницата по лекувањето, додека другите двајца останале на дополнителни медицински прегледи.

Во Универзитетскиот болнички центар „Мајка Тереза“ медицинска помош побарале полицаец, малолетен демонстрант и претставник на медиумите. Сите тројца се во стабилна здравствена состојба.

Рама денеска ќе разговара со пратениците

Во меѓувреме, за денеска во 9 часот е закажан состанок на пратеничката група на Социјалистичката партија во просториите на Претседателството на албанското Собрание. На состанокот ќе присуствува и премиерот Еди Рама.

Според информациите на новинарката Ексиола Шеху, се очекува на состанокот да бидат претставени мерки против лицата одговорни за насилните инциденти за време на студентските протести.


Протестите во Тирана продолжуваат да предизвикуваат загриженост поради бројот на повредени, меѓу кои има и припадници на полицијата и граѓани кои не учествувале во демонстрациите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс