Акциите на американските берзи пораснаа во средата, откако најновите информации за компаниите „СпејсИкс“ и „Тесла“ го поттикнаа оптимизмот кај инвеститорите и го насочија нивното внимание повторно кон технолошкиот сектор.
Индексот „Насдак композит“ порасна за 1,05 отсто и го заврши тргувањето на 26.702,86 поени. Индексот СиПи 500 доби 0,58 отсто, достигнувајќи 7.757,17 поени, додека „Дау Џонс“ порасна за 360,21 поен, односно 0,69 отсто, и затвори на 52.856,09 поени.
Акциите на „СпејсИкс“, компанијата во сопственост на Илон Маск, пораснаа за седум отсто, откако беше објавено дека приходите во третиот квартал се зголемиле за 161 отсто. Маск изјави и дека „СпејсИкс“ и „Тесла“ формирале посебни одбори кои ќе разговараат за можноста за спојување на двете компании.
Акциите на „Тесла“, од која се очекуваше да ги објави деловните резултати, пораснаа за повеќе од три отсто.
Дополнителен поттик за технолошкиот сектор даде и растот на активностите на „СпејсИкс“ поврзани со вештачката интелигенција. Според објавените информации, работењето на компанијата во оваа област пораснало деветкратно, што повторно ги разгоре очекувањата за раст на компаниите поврзани со развојот на вештачката интелигенција.
Акциите на производителот на чипови „Еј-ем-ди“ пораснаа за повеќе од три отсто, додека „Енвидија“ забележа раст од над два отсто. „Мајкрон технолоџи“ и „Марвел технолоџи“ пораснаа за речиси два отсто, а раст забележа и берзанскиот фонд „ВанЕк семикондактор ЕТФ“, кој ги следи акциите на компании од полупроводничката индустрија.
„СпејсИкс покажува дека сè уште има простор за понатамошен раст, но основната напнатост – склоноста кон прекумерен ентузијазам и преценување – веројатно не е променета“, изјави Џо Зидл, главен пазарен стратег во компанијата „Кресет“.
Во последниот период, загриженоста околу одржливоста на големите инвестиции во вештачката интелигенција влијае врз расположението на берзите. Инвеститорите се прашуваат дали вложувањата во оваа технологија се финансираат преку задолжување и дали побарувачката за инфраструктурата потребна за нејзиниот развој е доволна за да ги оправда високите трошоци.
Сепак, Зидл очекува тековната сезона на објавување деловни резултати да покаже дека многу компании поврзани со вештачката интелигенција и понатаму бележат силна побарувачка.
Според него, кога ќе заврши сезоната на финансиски извештаи и ќе може да се согледа пошироката слика, резултатите на „СпејсИкс“ можеби нема да изгледаат како исклучок, туку како пример за тренд што сè почесто ќе се забележува во секторот.
Инвеститорите во средата бараа и дополнителни информации за вложувањата во вештачката интелигенција. Во фокусот беше и компанијата „Мета платформс“, од која се очекуваше да ги објави деловните резултати по затворањето на берзата.
Претходно овој месец, „Мета“ го претстави својот најнов модел на вештачка интелигенција, „Мјуз вондер“, достапен исклучиво за корисниците што плаќаат за услугата.
Иако растот на акциите повторно го засили оптимизмот, прашањето дали големите инвестиции во вештачката интелигенција ќе донесат доволно приходи за да ги оправдаат вложените средства останува еден од главните предизвици за технолошкиот сектор.
Извор: Си-ен-би-си
