Тепачка во албанскиот Парламент: Тензиите од улица се префрлија меѓу пратениците

Пратеници од опозицијата туркаа столчиња и физички се пресметаа со министерот за внатрешни работи во Тирана.

Седницата во албанскиот Парламент денеска прерасна во физичка пресметка меѓу пратениците на опозицијата и парламентарното мнозинство. Инцидентот почна кога претставници на Демократската партија ја блокираа говорницата, им ги одземаа гласачките картички на колегите од власта и корнеа микрофони. Настанот доаѓа по серија студентски и граѓански протести во Тирана, со што институционалната криза директно се пресели во собраниската сала.

Тензијата во салата експлодира кога пратеникот и генерален секретар на Демократската партија (ПД), Фламур Нока, тргна кон клупите на Социјалистичката партија за да им ги одземе картичките за гласање. Во акцијата му се придружија и други пратеници од опозицијата, по што настана туркање меѓу пратеничките групи.

Во еден момент пратеникот на ПД, Фидел Крека, го удри со гласачки картон и потоа го турна министерот за внатрешни работи, Ервин Хоџа. По ова следеше директна физичка пресметка меѓу нив двајца. Веднаш се вклучија и други пратеници од двете страни, а собраниската сала се претвори во хаотична арена со туркање и соборување на собраниските столчиња.

Претседателот на Собранието, Нико Пелеши, се обиде да го соопшти редоследот на работа, но опозицијата целосно ја блокираше говорницата. Нока му го истргна микрофонот на координаторот на пратеничката група на социјалистите, Таулант Бала, по што претседавачот одлучи да премине на директно гласање без расправа.


Блокадата на говорницата и инцидентите се поврзани со барањата на опозицијата за политичко решение по бранот протести во земјата. Истиот ден Судот во Тирана ослободи 18 лица приведени за време на претходните граѓански собири, одредувајќи им мерка редовно јавување во суд.

е-Трн да боцка во твојот инбокс