Во галеријата на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на 21 октомври, беше отворена изложбата на цртежи „Водени пространства“ на Катарина Ѓорѓевиќ, професорка на Факултетот за уметности во Ниш.
Изложбата ја отвори академик проф. д-р Фехим Хусковиќ, кој во својот критички осврт го истакнува препознатливиот ликовен јазик на уметницата, изграден низ повеќедецениско истражување на односот меѓу сликата, цртежот и просторот.
Циклусот „Водени пространства“ претставува своевиден дијалог меѓу сликарството и цртежот. Преку внимателно изградени линии, ритмични структури и суптилни колористички односи, Ѓорѓевиќ создава композиции што асоцираат на водени површини, хоризонти и бескрајни пространства.
Како што посочува Хусковиќ, цртежите на Ѓорѓевиќ, иако создадени со минимални изразни средства како хемиско пенкало, фломастери, туш и акрилни бои, постигнуваат богати и комплексни ликовни композиции. Во нив се преплетуваат лирски површини, графички прецизни структури и асоцијации на природни пејзажи.

Насловите на делата, меѓу кои „Загонетка“, „Шум“, „Арабеска“, „Затишје“, „Етно“, „Спокој“, „Ни на небо ни на земја“, „Помеѓу небо и вода“, „Копнеж“ и „Елегија“, дополнително го откриваат поетскиот однос на авторката кон ликовниот простор. Тие не се само имиња на цртежите, туку отвораат можности за лични асоцијации и толкувања кај гледачот.
Особеноста на нејзиното творештво, според Хусковиќ, се препознава и во способноста со минимални изразни средства да создаде силен визуелен впечаток, поврзувајќи ги небото и водата, подводниот свет и бескрајниот простор.
Катарина Ѓорѓевиќ е родена во 1966 година во Ниш. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Белград во 1992 година, а постдипломските студии ги завршила во 1994 година. Работи како редовна професорка по цртање и сликање на Универзитетот во Ниш, каде што ја извршува и функцијата продеканка за меѓународна соработка.
Во својата долгогодишна кариера учествувала на повеќе од 400 групни изложби во Србија и во други земји, меѓу кои Јапонија, Кореја, Канада, САД, Велика Британија, Германија, Италија и Франција. Реализирала и повеќе од 50 самостојни изложби, а добитничка е на 11 признанија и награди за своето уметничко творештво.
Изложбата „Водени пространства“ ќе биде отворена за посетителите во галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во наредните две недели.
