Airbnb им забрани на домаќините да бараат гостите да им чистат и перат

Новите правила стапуваат во сила на 20 ноември, а дел од сопствениците се закануваат со напуштање на платформата
Фото: Open Grid Scheduler / Scalable Grid Engine, CC0, via Wikimedia Commons

Платформата за краткорочно изнајмување сместување Airbnb воведе забрана со која на домаќините им се оневозможува да бараат од гостите да извршуваат домашни обврски пред одјавувањето. Новите правила, кои ќе важат за сите резервации направени на или по 20 ноември, ставаат точка на практиката гостите да плаќаат надомест за чистење, а истовремено самите да вадат постелнина, да фрлаат ѓубре и да пуштаат машини за перење.

Новото правило директно им забранува на сопствениците на сместувачките капацитети да наложуваат соблекување постелнина, миење садови, перење алишта или изнесување на отпадот од објектот. Оваа мерка доаѓа по вирални реакции и незадоволство на социјалните мрежи, каде што корисниците редовно објавуваа бизарни списоци со задолженија и високи финансиски казни доколку не остават сè беспрекорно чисто, и покрај тоа што уредно платиле посебна ставка за хигиена.

Единствените исклучоци што компанијата ги дозволува се поврзани со локални услови на животната средина. Домаќините сè уште смеат да побараат од гостите да штедат вода во подрачја погодени од суша, или да користат специјални заштитени контејнери за отпад во региони каде што постои опасност од диви животни.

Одлуката предизвика револт на форумите на заедницата на платформата. Дел од сопствениците тврдат дека основните навики на гостите се неопходни за заштита на имотот и покривање на трошоците за подготовка на просторот за следните посетители. Некои сметаат дека ваквите чекори го бришат автентичниот дух на платформата и ја претвораат во класичен хотелски сервис.

„На гостите им се дава целосна слобода да бидат мрзливи, додека домаќините го сносат ризикот. Главната разлика помеѓу комерцијалните хотели и мојот приватен дом е личниот контакт. Сосема е очекувано гостите да ги измијат садовите или да ги стават во машина и да ја извадат валканата постелнина. За возврат, тие уживаат во лична врска и уникатна средина што хотелот едноставно не може да ја понуди. Плус, секој потенцијален гостин има можност однапред да го прочита огласот и да одлучи што претпочита. Доколку овие ограничувања останат, ова може да ме наведе да го повлечам огласот и да се збогувам со Airbnb по дванаесет години“, напиша еден од долгогодишните домаќини на официјалниот форум.

Овој потег е дел од пошироката реформа за транспарентност на дигиталниот сервис. Во 2023 година, компанијата соопшти дека над 260.000 домаќини целосно ги укинале или намалиле надоместоците за чистење. Веќе од мај 2025 година, платформата стандардно ја прикажува вкупната цена при секое пребарување низ целиот свет, вклучувајќи ги сите провизии и надоместоци, а исклучувајќи ги само локалните даноци.


За патувачите од регионот и домашните корисници кои сè почесто користат вакви апликации за градски патувања или одмори низ Европа, промената носи директна заштита на потрошувачките права. Јасното разграничување меѓу наплатената услуга и одговорностите ги елиминира непријатните изненадувања при напуштање на сместувањето, воспоставувајќи фер баланс меѓу дигиталните посредници, сопствениците и гостите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс