Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја отвори темата за трет претседателски мандат, изјавувајќи дека смета оти има право повторно да се кандидира. На митинг во Ајова во четвртокот, тој истовремено призна дека уставната одредба остава малку простор за поинакво толкување, објави „Еуроњуз“.
„Мислам дека имам право повторно да се кандидирам, затоа што мамеа“, рече Трамп, повторувајќи ги своите неосновани тврдења за изборната измама во 2020 година.
Тој кажа дека долго го проучувал текстот што го ограничува бројот на претседателски мандати, но оцени дека формулацијата е јасна и не остава многу простор за маневрирање.
Неговото образложение се темели на тврдењето дека изборите во 2020 година му биле „украдени“. Обвинувањата за масовна изборна измама не се поткрепени со докази.
Дваесет и вториот амандман на американскиот Устав изрично предвидува дека едно лице не може да биде избрано за претседател повеќе од двапати. Ограничувањето важи и кога мандатите не се последователни. Трамп победи на изборите во 2016 и во 2024 година, па според важечката одредба не може повторно да биде избран во 2028 година.
Ова не е првпат Трамп да ја споменува можноста за трет мандат. Во претходни настапи ја навестуваше идејата, но во други прилики ја отфрлаше. Новата изјава доаѓа за време на кампањата пред конгресните избори, кога претседателот настапува на митинзи во поддршка на републиканските кандидати.
