Приказната за уметноста на градските ѕидови

Kако графитите станаа оружје против власта, а бунтот се претвори во милионска уметност?

Од њујоршкото метро и Берлинскиот ѕид до Шарената револуција во Скопје како графитите станаа симбол на бунтот и уметност вредна милиони.

Во октомври 2018 година, на аукција во Лондон, делото „Девојчето со балон“ на Бенкси беше продадено за нешто повеќе од еден милион фунти. Веднаш потоа, скриен механизам во рамката почна да го сече платното. Купувачот сепак го задржа делото, кое три години подоцна, под новиот наслов „Љубовта е во корпата“, беше продадено за 18,58 милиони фунти.

Иронијата е очигледна, уметноста што со децении ја бркаа од градските улици како вандализам стана една од најскапите на светот.

Пишувањето по ѕидовите е старо колку и самите градови. Натписи се пронајдени во урнатините на Помпеја, на ѕидовите на антички Ерусалим и во стар Египет. Во Втората светска војна, американските војници оставаа ист натпис каде и да стапнеа: „Килрој беше тука“, придружен со цртеж на ќелав човек со голем нос што ѕирка над ѕид. Списанието „Лајф“ пишуваше дека војниците се шегувале дека  на која било плажа да се истоваратт, Килрој веќе бил таму. Дали навистина постоел човек со тоа име, никогаш не е утврдено со сигурност. Според една од најпознатите верзии, натписот е поврзан со инспектор во бродоградилиште, кој со креда ги означувал проверените делови.

Њујорк, метрото и момчето од 183-та улица

Современиот графит, онаков каков што го познаваме денес, се појавува кон крајот на шеесеттите години од минатиот век. Во Филаделфија почнале да се појавуваат потписите на Корнбред, Кул Ерл и Скеч, а на почетокот на седумдесеттите њујоршкото метро станало средиште на новата улична уметност.

Една од клучните фигури бил тинејџерот Деметриус, познат како ТАКИ 183, момче со грчко потекло од њујоршкиот кварт Вашингтон Хајтс. Во летото 1969 година, од досада, почнал да го испишува својот прекар и бројот на улицата на која живеел. Работел како курир, често патувал со метро и го оставал својот потпис на станиците, во вагоните и низ деловниот центар на Менхетен. Неговото име наводно стигнало дури до аеродромот „Кенеди“, но и надвор од Њујорк.

На 21 јули 1971 година, „Њујорк тајмс“ објавил текст за него, со што ТАКИ станал еден од првите автори на графити што добиле поширока јавна препознатливост. Неговиот пример инспирирал други тинејџери, а во следните години потписите прераснале во сложени, стилизирани композиции што ги покривале целите вагони на метрото. Њујорк тогаш се соочувал со финансиска криза и немал доволно средства за одржување на јавниот превоз, па графитите се ширеле од покривите до долниот дел на вагоните.

Градот уште во 1972 година трошел значителни суми за нивно отстранување. ТАКИ, пак, укажувал на двојните стандарди: ако графитите се сметале за недозволено нарушување на јавниот простор, зошто рекламите и политичките плакати можеле непречено да го покриваат истиот тој град?

Од улицата графитот брзо се преселил и во галериите. Во 1978 година, Жан-Мишел Баскија и неговиот пријател Ал Дијаз почнале да испишуваат мистериозни, поетски пораки низ Менхетен, потпишани со „САМО©“ (SAMO©). Во декември истата година, за нив пишувал и „Вилиџ војс“. Подоцна Баскија ја прогласил сопствената креација за мртва, испишувајќи „SAMO© IS DEAD“ низ градот, и се посветил на сликарството.

Во меѓувреме, Кит Харинг цртал со креда врз црната хартија на празните рекламни паноа во метрото. Создал илјадници такви цртежи и повеќепати бил приведуван. И Баскија и Харинг починале млади, првиот на 27, вториот на 31 година. Денес нивните дела се дел од колекциите на најголемите светски музеи.

Париз: кога ѕидовите стануваат политичка програма

Во Европа графитите уште од почетокот добиле изразито политичка улога. Во мај 1968 година, студентските бунтови во Франција ги прекриле париските ѕидови со пароли што се цитираат и денес: „Забрането е да се забранува“ и „Под калдрмата, плажа“.

Втората парола станала еден од симболите на бунтот. Студентите ги ваделе камените коцки од улиците за да подигнуваат барикади, но зборовите истовремено упатувале на слободата што ја замислувале скриена под површината на секојдневието.

Повеќе од една деценија подоцна, на париските улици се појавил нов вид улична уметност. Францускиот уметник Ксавие Пру, познат како Блек ле Ра, во 1972 година ја видел графити-сцената во Њујорк, а во 1981 година почнал да црта мали црни стаорци со помош на шаблони низ Париз. Наместо големите, стилизирани букви карактеристични за њујоршките графити, тој создал фигуративен израз што се вклопувал во париската архитектура.

Стаорецот за него бил симбол на животното што успева да остане слободно во градот, но и анаграм на францускиот збор за уметност art. Денес Блек ле Ра се смета за еден од пионерите на шаблонската улична уметност. Бенкси отворено признавал дека понекогаш, кога ќе помисли оти создал нешто оригинално, открива дека Блек ле Ра го направил тоа дваесет години порано. Во 2012 година, делата на францускиот уметник биле вклучени во постојаната поставка на Центарот „Помпиду“.

Берлин: ѕидот што стана најголемо платно на светот

Малку градови се толку тесно поврзани со графитите како Берлин и малку уметнички површини носеле толкава политичка тежина како Берлинскиот ѕид, кој го делел градот од 1961 година до 9 ноември 1989 година.

По неговото обновување во втората половина на седумдесеттите, западната страна на ѕидот станала огромна, речиси непрекината сива површина. Наскоро почнале да ја нарекуваат најголемото платно на светот. Источната страна, пак, останала речиси празна до падот на ѕидот: граничарите на Германската Демократска Република ја чувале граничната зона за да спречат обиди за бегство. Така, до крајот на осумдесеттите, двете страни на ѕидот изгледале како слики на два различни света на запад се протегале километри шарени графити, а на исток доминирале сивилото и забраната.

Францускиот уметник Тјери Ноар пристигнал во Западен Берлин во 1982 година и почнал нелегално да го слика ѕидот со своите препознатливи, цртано-филмски глави. Во 1984 година музејот „Куќа на Чекпоинт Чарли“ покренал проект под наслов „Совладување на ѕидот со сликање“.

Во рамките на проектот, на 23 октомври 1986 година, во Берлин пристигнал и Кит Харинг. На делница долга околу 300 метри, во близина на граничниот премин, тој насликал низа испреплетени човечки фигури во боите на германското знаме. Со тоа, како што објаснил, сакал да ја прикаже бесмисленоста на ѕидовите, непријателствата и границите.

Помалку познат е податокот дека вработените во музејот, за да му обезбедат чиста површина на Харинг, ги прекриле со жолта боја постарите дела на Ноар. Ни муралот на Харинг не траел долго: набргу бил прекриен со други графити, па од него останале само фотографиите.

По падот на ѕидот, приказната добила нов пресврт. Од февруари до септември 1990 година, повеќе од 118 уметници од 21 земја биле поканети да ја насликаат источната страна на делница долга 1,3 километри. Така настанала Ист Сајд галеријата, една од најдолгите галерии на отворено во светот.

Најпознатото дело во галеријата е „Боже, помогни ми да ја преживеам оваа смртоносна љубов“ на рускиот уметник Дмитриј Врубел. Муралот го прикажува таканаречениот „братски социјалистички бакнеж“ меѓу советскиот лидер Леонид Брежњев и источно германскиот лидер Ерих Хонекер, според фотографија од 1979 година. Германската уметница Биргит Киндер, пак, го насликала автомобилот „трабант“, симбол на Источна Германија, како пробива низ ѕидот.

Во 1991 година, галеријата била прогласена за национален споменик, а во 2009 година биле реставрирани 101 мурал. Но обновувањето предизвикало и спорови: дел од уметниците сметале дека со повторното сликање се нарушуваат нивните авторски права, а осуммина одбиле да ги обноват своите дела. Тјери Ноар го сумирал парадоксот: во осумдесеттите го сликале ѕидот за да го уништат, а подоцна го сликале за да зачуваат дел од него.

Бристол, Атина и градовите на бунтот

Денес Бристол, родниот град на Бенкси, е познат и по фестивалот Апфест, кој ја слави уличната уметност. Но ако Берлин е симбол на ѕидот што паднал, Атина е симбол на град во кој ѕидовите стануваат сведоштво за општествена криза.

За време на грчката должничка криза, графитите во престолнината добиле изразито политички тон. Во квартот Ексархија, традиционално собиралиште на анархистите и левичарските движења, уметникот што се потпишува како Вајлд Дроуинг насликал исцрпено лице над искината банкнота од пет евра. На друго место, лажен сообраќаен знак прикажувал автомобил во боите на грчкото знаме како паѓа од распаднатиот симбол на еврото.

Друг уметник, Блипс, кој ја напуштил стоматологијата за да се посвети на сликањето, за новинската агенција АФП изјавил: „Секое мое дело е изјава“.

Истражувачката Јулија Тулке од 2013 година документирала политички графити во Атина и собрала архива од речиси 7.000 фотографии. Таа ги гледа ѕидовите како барометар на кризата, но предупредува и на опасноста од романтизирање на „креативноста во криза“ и од повторувањето на клишето дека „Атина е новиот Берлин“.

Зашто графитите не се само глас на бунтовниците. На истите улици, покрај антиавторитарните пароли, се појавуваат и неонацистички пораки што ги прекриваат туѓите дела. Ѕидот е простор на судир, а не секоја порака што се појавува на него носи порака за слобода.

Скопје: три децении графити, маалски потписи и бетонски галерии

Скопската графити-сцена почнала да се развива во средината на деведесеттите години, кога групи млади цртачи почнале да ги освојуваат ѕидовите, подвозниците и бетонските површини низ градот. Во тие почетоци се издвојува екипата „Скопски господари на графитот“ (СГ2), од која подоцна произлегла и екипата ОКС. Меѓу имињата што оставиле белег во развојот на локалната сцена се Драш, Сликар, Дуко, СРК, Мачка и други уметници чии потписи и денес можат да се најдат на скопските ѕидови.

За разлика од муралите нарачани за разубавување на фасадите, графитите често се развивале надвор од институционалните рамки. Потписот тагот бил начин да се остави трага, да се изгради препознатлив стил и да се покаже припадност на одредена екипа. Со текот на времето, едноставните натписи прераснале во комплексни композиции со типографија, ликови и бои. Таа историја сè уште може да се чита на бетонските столбови под Железничката станица, каде што слоевите од графити сведочат за различни генерации уметници. Дебар Маало, пак, е уште една од градските локации на кои се испреплетуваат старите потписи, новите цртежи и големите мурали.

Градот постепено почна да ја признава и оваа форма на урбана култура. Во 2021 година, во рамките на активностите поврзани со кандидатурата на Скопје за Европска престолнина на културата во 2028 година, беа определени легални ѕидови за слободно цртање графити и мурали. Меѓу локациите беа потпорниот ѕид на улицата Војвода Васил Чакаларов, кај „Реплек“, и ѕидовите под поранешната стоковна куќа „Мост“. Иницијативата отвори простор за уметничко изразување без страв од санкции, но и за поширока дебата за тоа каде завршува вандализмот, а каде почнува уметноста.

Токму во таа напнатост се крие и приказната за скопските графити. Некои се бришат, други исчезнуваат со уривањето на старите објекти, а трети остануваат како неофицијална архива на градот. Нивната вредност не е секогаш во убавината или во пораката: понекогаш е во самиот чин на оставање трага во простор што постојано се менува.

Скопје: шарената боја врз мермерот на власта

Скопје има свое место во оваа историја, иако во еден од најпознатите случаи оружјето не било спреј или шаблон, туку боја. Во април 2016 година, по одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да ја прекине постапката против поранешниот премиер Никола Груевски и други политичари поврзани со аферата за прислушувањето, започнаа протестите што ќе останат запаметени како Шарената револуција.

Името го добија по бојата што демонстрантите ја фрлаа врз владините згради и спомениците подигнати во рамките на проектот „Скопје 2014“. На социјалните мрежи се ширеа и упатства за тоа како да се наполнат балони и шишиња со боја.

На 20 мај градските власти го покрија Триумфалниот лак „Македонија“ со бели заштитни платна. Демонстрантите ги отстранија платната и повторно го обоија споменикот. Дел од активистите подоцна се соочија со обвиненија поради фрлањето боја врз Собранието, владините згради и спомениците.

Проектот „Скопје 2014“ првично беше претставен како инвестиција од 80 милиони евра, но според истражување на БИРН, до 2015 година неговата цена надминала 560 милиони евра. Шарените дамки врз неокласичниот мермер станаа визуелен симбол на протестот против власта, корупцијата и начинот на кој се трошат јавните пари.

Во суштина, тоа беше порака испишана врз фасадата на моќта, од луѓе што сметаа дека институциите не ги слушаат. Од Килрој до Шарената револуција, логиката останува слична. Ѕидот обично му припаѓа некому: на државата, на компанијата или на сопственикот. Графитот е обид оние што немаат сопствена јавна трибина да покажат дека и тие постојат, дека имаат што да кажат и дека нема да молчат.


Но што се случува кога пораката на бунтот ќе стигне до аукциска сала и ќе се продаде за милиони фунти? Кога некогаш забранетата уметност станува луксузна стока, нејзиниот бунтовен дух добива нова цена. А некаде во градот, некое ново момче или девојка веќе бара празен ѕид.

е-Трн да боцка во твојот инбокс