Бугарија е победник на 70. издание на Песна на Евровизија, кое годинава се одржа во Виена, Австрија. Во финалето настапија 25 земји, а победникот беше избран преку комбинација од гласовите на националните жири-комисии и телефонското гласање на публиката.
Финалната вечер започна со претставување на финалистите во придружба на Виенскиот симфониски оркестар, а настапот го отвори минатогодишниот победник Џеј-Џеј со песната „Кралицата на ноќта“.
Годинава на евровизиската сцена се пееше на 13 јазици, а повеќе земји направија спој меѓу мајчиниот јазик и англискиот. Прва настапи Данска, а натпреварувачкиот дел го затвори домаќинот Австрија.
По повод 70-годишнината од Евровизија, додека траеше гласањето, на сцената настапија повеќе поранешни евровизиски ѕвезди, меѓу кои Верка Сердучка, Александар Рибак, Руслана, Манс Зимерло, „Лорди“ и Хелена Папаризу. Тие потсетија на дел од најголемите евровизиски хитови низ годините, а заеднички ја изведоа и „Воларе“.
Иако Финска со месеци важеше за фаворит според обложувалниците, Бугарија изненади со силната поддршка од жирито и публиката. По гласањето на националните жирија, Бугарија имаше 204 поени, а во финалниот пресврт доби најмногу поени од публиката.
Со вкупно 516 поени, Бугарија стана победник на 70. издание на Евровизија и ќе биде домаќин на следното издание на натпреварот.