Пожар утрово повторно зафати дел од градската депонија во Радовиш. Противпожарните екипи интервенираа веднаш по пријавата и го ставија огнот под контрола.
Пожарникарите предупредија на ризикот од штетните честички што се ослободуваат при горење на отпадот, потсетувајќи на опасноста со која жителите се соочуваа при претходниот пожар пред неколку месеци.
Во интервенцијата првпат беше употребено новото противпожарно возило, обезбедено со донации од радовишки иселеници. Возилото беше ставено во функција по завршувањето на потребната законска документација. Според пожарникарите, неговата моќност и големиот дострел на водениот топ помогнале во ставањето на пожарот под контрола.
За гаснењето биле употребени пет камиони со вода, а повеќе пожарникари се менувале во интервенцијата.
Од ТППЕ Радовиш апелираа на зголемена внимателност за да не се повтори состојбата од претходниот пожар. Причината за новото избувнување на огнот засега не е соопштена, а нема ниту објавени резултати од мерења за евентуално загадување на воздухот. Скопје1.мк
