СпејсИкс успешно ја лансираше најголемата ракета во историјата – Старшип V3. Иако мисијата имаше неколку технички проблеми, летот заврши според планираното слетување во Индискиот Океан.

„Џиновската ракета на Маск“ успешно полета: СпејсИкс го лансираше Старшип V3

SpaceX)
Photo: SpaceX


Компанијата СпејсИкс на Илон Маск успешно ја лансираше својата досега најголема ракета, Старшип, еден ден откако долгоочекуваниот тест-лет беше одложен. Леталото без екипаж полета од лансирната рампа во Тексас во петокот попладне по локално време. Тест-мисијата заврши околу еден час подоцна, кога Старшип слета во Индискиот Океан и експлодираше што, според планот на мисијата, било очекувано.

„Честитки до тимот на СпејсИкс за епското прво лансирање и слетување на Старшип V3! Ова е голем чекор за човештвото“, напиша Маск на социјалната мрежа X.

Не помина сè совршено

Тимот на СпејсИкс го прослави лансирањето на најмоќната и највисоката ракета некогаш изградена, но мисијата сепак се соочи со неколку проблеми. Првиот обид за лансирање во четвртокот беше одложен поради дефект на хидрауличен механизам на лансирната кула.

Портпаролот на СпејсИкс, Ден Хуот, изјави дека ракетниот бустер не успеал целосно да го изврши т.н. „повратен потисок“ по одвојувањето. Дополнително, еден од моторите на Старшип откажал, поради што останатите пет мотори морале да работат подолго за да ја компензираат загубата.

Иако леталото не влезе во прецизно планираната орбита, Хуот рече дека траекторијата останала „во дозволените граници“.

Чекор поблиску до Месечината и Марс

И покрај техничките проблеми, честитки до Маск и тимот на СпејсИкс испрати и администраторот на НАСА, Џаред Ајзакман. „Чекор поблиску до Месечината… чекор поблиску до Марс“, напиша тој на X. Во текот на суборбиталниот лет, Старшип успешно исфрли товар составен од 20 симулирани Старлинк сателити, како и два тест-сателити кои собирале податоци за топлинскиот штит на леталото. Ова беше 12-ти лет на Старшип, а воедно и прва мисија на новата верзија V3, висока дури 124 метри.

Подготовка за историско излегување на берза

Дебито на Старшип V3 доаѓа непосредно пред очекуваното историско излегување на СпејсИкс на Волстрит. Според проценките, иницијалната јавна понуда (IPO) би можела да биде најголема во историјата на американската берза. Благодарение на уделот што го поседува Маск во компанијата, чија вредност се проценува на околу 1,25 билиони долари, тој би можел да стане првиот билионер во историјата.

Покрај ракетната програма, СпејсИкс управува и со сателитскиот интернет-сервис Старлинк, а е сопственик и на AI-компанијата xAI.

е-Трн да боцка во твојот инбокс