Психолозите објаснуваат зошто неодговарањето на пораки стана нов статусен симбол

Игнорирањето повици и пораки престана да биде само знак на исцрпеност и прерасна во алатка за градење социјална моќ.

Дигиталната недостапност сè почесто се користи како свесна порака за сопствената вредност, а не само како одмор од екраните. Психотерапевтите посочуваат дека одложувањето одговори со денови кај многумина прераснува во социјален механизам со кој сигнализираат презафатеност и контрола врз туѓиот пристап. Наместо признание за премореност, фразата „не сум достапен“ станува симбол на општествен престиж и одбранбен штит од сопствената просечност.

Општественото сфаќање за зафатеноста драматично се промени. Студија од 2017 година објавена во списанието „Journal of Consumer Research“ покажа дека луѓето што немаат слободно време автоматски оставаат впечаток на повисок социјален статус. Околината ги доживува како покомпетентни, амбициозни и барани професионалци.

Д-р Вилдализ Каро од центарот „Аура рикавери“ појаснува дека недостижноста праќа јасен сигнал оти нечие време е скапоцено. Дигиталното исчезнување повеќе не е само последица на физички умор. Тоа стана свесна демонстрација на сопствената важност.

Човечкиот мозок автоматски ја вреднува недостапноста. Психотерапевтот Јони Неф од њујоршката клиника „Лајтлајн терапи“ наведува дека она што е ретко природно се смета за повредно.

„Нашиот мозок е програмиран зафатеноста да ја толкува како порака дека луѓето нè посакуваат. Недостапноста оди чекор понатаму и порачува: луѓето ме сакаат, а јас одлучувам дали ќе стигнат до мене“, посочува Неф.

Недостапноста истовремено функционира и како оклоп против сопствените несигурности. Ако поединецот постојано се држи на дистанца, никој не може да го фати во просечност. Околината нема прилика да се разочара, па создава идеализирана слика за неговата недостижност.

Постојаната поврзаност создава притисок за непрекината емоционална ангажираност од семејството, колегите и пријателите. Повлекувањето од мрежите често претставува единствен начин да се намали прекумерната стимулација од дигиталниот свет.


Телата и нервниот систем не се создадени за живот во постојана состојба на подготвеност. Поставувањето строги комуникациски граници е чин на самосвест, но во урбаните средини се појави парадокс: полесно е да се одглуми зафатеност отколку да се признае ранливост. Луѓето многу побрзо ќе кажат „не сум достапен“ отколку отворено да признаат дека се уморни.

е-Трн да боцка во твојот инбокс