НАСА отвори конкурс за нови астронаути со годишна плата од 147.000 евра

Американската вселенска агенција бара кандидати за идните мисии кон Месечината и Марс под строги физички и академски критериуми.

Американската вселенска агенција НАСА објави нов јавен конкурс за прием на кандидати во новата генерација астронаути, нудејќи годишна плата од околу 147.000 евра (приближно 164.000 долари). Огласот е насочен кон специјалисти од научните, инженерските и медицинските области кои по повеќегодишна селекција и ригорозни психофизички тестирања ќе станат дел од екипажите на вселенските летала за ниската орбита, но и за длабокиот вселенски простор.

Кандидатите што сакаат да бидат дел од новата класа на НАСА мора да исполнат исклучително строги професионални критериуми. Огласот бара државјанство на САД, како и магистерска диплома во т.н. STEM дисциплини – инженерство, биолошки, физички или компјутерски науки и математика. Покрај академските квалификации, се бараат најмалку две години релевантно стручно искуство или минимум илјада часа пилотирање на млазни авиони на командна позиција.

Селекцискиот процес вклучува детални медицински прегледи, физички тестови и психолошки евалуации со кои се утврдува способноста за живот и работа во екстремни средини.

Избраните кандидати ќе поминат две години на основна обука во вселенскиот центар во Хјустон. Оваа програма опфаќа обука за преживување во дивина и на отворено море, совладување вселенски прошетки во базен со неутрална пловност, совладување системи на Меѓународната вселенска станица и изучување на рускиот јазик за комуникација со меѓународните партнери.


Оваа генерација астронаути ќе учествува во мисиите од лунарната програма „Артемис“, чија цел е долгорочно човечко присуство на Месечината, како и подготовка за првите човечки летови кон Марс.

е-Трн да боцка во твојот инбокс