Телото пронајдено во буре на територијата на општина Инѓија најверојатно му припаѓа на Александар Нешовиќ, жртвата по која се трагаше во рамки на истрагата за убиството во белградскиот ресторан „27“ на Сењак. Српското обвинителство соопшти дека телото е испратено на обдукција и ДНК-вештачење, по што официјално треба да биде потврден идентитетот.
Според досегашните информации, бурето било откопано во присуство на обвинители од Вишото јавно обвинителство во Белград, полиција и форензичари. Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека „99 отсто“ станува збор за Нешовиќ, наведувајќи дека проценката се темели на облеката, но дека конечната потврда ќе ја даде ДНК-анализата.
Истрагата веќе се проширува во повеќе правци. Вишото јавно обвинителство соопшти дека постапката се води против 10 лица, а досега се издадени вкупно 70 наредби за различни вештачења. Запленети се 24 мобилни телефони, фитнес-нараквица, два лаптопа, еден десктоп-компјутер, два рисивера, три хард-диска и 10 возила, со цел да се обезбедат материјални докази.
Обвинителството наредило и вештачења за барутни честички, ДНК-траги, подноктен материјал, траги од возила и предмети пронајдени во ресторанот „27“, каде што, според сомнежите, било извршено убиството. Се испитуваат и дигитални уреди и опрема на која можеби се чуваат видеоснимки.
Случајот доби дополнителна тежина откако во истрагата беше уапсен и поранешниот началник на белградската полиција, Веселин Милиќ, кој по апсењето беше разрешен. Според наводите на обвинителството, Милиќ се сомничи дека бил поврзан со прикривање на убиството, а судот му одреди едномесечен притвор поради опасност да влијае врз сведоци или да уништи докази.
За потсетување, Нешовиќ исчезнал на 13 мај, а според досега собраните докази, обвинителството се сомнева дека бил убиен претходната вечер во ресторанот „27“ на Сењак. Српските медиуми објавуваат дека истрагата сега треба да утврди кој го извршил убиството, кој помогнал во отстранување на телото и дали дел од полициските структури учествувале во прикривање на трагите.