Што можат студентите да купат за 156 денари?

Додека студентите бараат зголемување на дневниот надоместок на 200 денари, Министерството за образование и наука засега продолжува да исплаќа по 140 денари дневно.

Еден бурек со јогурт, сендвич или порција грав. Изборот на студентите за дневен оброк е ограничен, а според најновата пресметка на министерката за образование и наука Весна Јаневска, субвенционираниот студентски оброк би требало да изнесува 156 денари, односно само 16 денари повеќе од сегашниот износ.

Додека студентите бараат зголемување на дневниот надоместок на 200 денари, Министерството за образование и наука засега продолжува да исплаќа по 140 денари дневно.

Но, што навистина може да се купи за 156 денари и дали оваа сума е доволна за полноценен, нутритивно избалансиран оброк?

За 156 денари – појадок, но тешко и комплетен ручек

Според цените во скопските пекарници и достапните онлајн менија, четвртина бурек се продава за 80 до 110 денари, мал јогурт за 30 денари, додека тортиља со пилешко месо чини околу 140 денари.

Еве што би можеле студентите да купат со предложениот дневен надоместок:

ОброкЦенаПреостанати пари
Бурек со сирење и мал јогурт140 ден.16 ден.
Тортиља со пилешко месо140 ден.16 ден.
Сендвич со шунка и мал јогурт130 ден.26 ден.
Бурек со месо и јогурт од 250 мл155 ден.1 ден.
Тортиља со пица фил120 ден.36 ден.
Сендвич со печеница и јогурт од 250 мл145 ден.11 ден.

Пресметките се направени врз основа на објавени онлајн ценовници, без трошоци за достава.

Со ваквиот буџет студентите можат да обезбедат еден оброк од пекарница, но можностите за комбинирање месо, зеленчук, овошје и млечни производи се ограничени, особено доколку купуваат готова храна.

Што менуваат дополнителните 16 денари?

Зголемувањето на студентскиот оброк од 140 на 156 денари би изнесувало 11,4 проценти.

За 22 дена во кои студентот би имал право на субвенциониран оброк, тоа би значело дополнителни 352 денари месечно.

Дневен студентски оброкЗа 22 дена
Сегашни 140 денари3.080 денари
Предложени 156 денари3.432 денари
Студентско барање од 200 денари4.400 денари

Разликата меѓу пресметката на министерката и барањето на студентите изнесува 968 денари месечно, под претпоставка дека субвенцијата се користи 22 дена.

За пратениците бифтек, за студентите бурек

Прашањето за студентскиот стандард неодамна беше актуализирано и преку герила-акција на групата „Урбани уметнички акции“, која постави две маси со студентски и пратенички оброк.

Акцијата преку сатирични менија ја прикажа разликата меѓу храната што студентите можат да си ја дозволат и понудата во собраниското бифе.

Во меѓувреме, Форумот за образовни промени поднесе тужба пред Управниот суд против Министерството за образование и наука поради, како што тврдат од организацијата, неусогласување на студентскиот оброк со инфлацијата во изминатите три години.

Со попуст од 20 проценти, 156 денари би имале вредност од 195 денари

Владата разгледува и нов модел на субвенционирање, преку кој студентите би добивале попуст од 20 проценти кај избрани трговци, ресторани и пекарници.

Доколку ваквиот модел се воведе, со дневен надоместок од 156 денари студентите би можеле да купат храна чија редовна цена изнесува 195 денари.

Но, моделот сè уште не е усвоен, а конечен договор со студентските претставници нема.

Додека институциите пресметуваат колку треба да изнесува усогласувањето со инфлацијата, студентите секојдневно се соочуваат со многу поконкретна пресметка – што можат да купат со парите што ги имаат.

Суштинското прашање е дали субвенционираниот студентски оброк треба да обезбеди само ситост или и пристап до квалитетна и разновидна исхрана.

Студентите уште во септември побараа оброк од 200 денари

Барањето за зголемување на субвенционираниот студентски оброк од 140 на 200 денари беше официјално доставено на 25 септември 2026 година, преку иницијатива потпишана од седум универзитетски студентски собранија. Покрај зголемувањето на дневниот износ за 60 денари, студентите побараа и воспоставување механизам за редовно годишно усогласување со инфлацијата.

Студентските претставници предупредуваат дека износот не е зголемен од 2023 година, кога субвенцијата беше покачена од 120 на 140 денари, иако во меѓувреме значително пораснаа цените на прехранбените производи и угостителските услуги.

На 3 октомври Јаневска изјави дека, според тогашните пресметки за инфлацијата, студентскиот оброк треба да изнесува 147 денари.

На 28 октомври студентските претставници одржаа средба со премиерот Христијан Мицкоски и министерката Јаневска, но не добија конкретен одговор на барањето за оброк од 200 денари. Наместо тоа, Владата понуди нов модел за користење на субвенцијата.

Барањето стигна и во Собранието, каде што во рамките на вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година беше поднесен амандман за обезбедување дополнителни 200 милиони денари, односно околу 3,25 милиони евра, за зголемување на студентскиот оброк на 200 денари. Амандманот не беше прифатен.


Во меѓувреме, Форумот за образовни промени поднесе тужба против Министерството за образование и наука поради, како што тврдат оттаму, непочитување на законската обврска за усогласување на субвенцијата со инфлацијата. Организацијата побара и ретроактивно обесштетување на студентите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс