Електронски налепници за возилата и казни до 500 евра. Што предвидуваат измените во Законот за возила?

МВР би издавало налепница со ист изглед за сите возила во регистарот. Преку неа надлежните би ги проверувале регистрацијата, осигурувањето, техничката исправност и еколошката категорија. Во предлогот нема цена за налепницата.

Група пратеници поднесе измени на Законот за возила по скратена постапка. Предлогот предвидува идентификациско-еколошка налепница за возилата што се запишуваат во Регистарот на возила. Измените би стапиле во сила на денот на објавувањето во „Службен весник“, доколку Собранието ги усвои.

Иста налепница за сите возила

Налепницата би била електронски поврзана со досието на возилото во регистарот на МВР. Овластените служби преку неа би можеле да проверат дали возилото има важечка регистрација и осигурување, дали е технички исправно и во која еколошка категорија е заведено. Категоријата и личните податоци на сопственикот нема да бидат јавно видливи на налепницата.

За што се предвидени казни од 100 и 500 евра

За оштетување, отстранување или префрлање на налепницата на друго возило е предложена глоба од 500 евра во денарска противвредност. Истата глоба е предвидена и ако налепницата е нечитлива. Сопственикот би имал три дена да пријави промена на мобилниот број или е-адресата кај овластена станица за технички преглед. За пропуштање на рокот е предвидена глоба од 100 евра.

Предлогот предвидува и построг надзор над станиците за технички преглед, меѓу другото и врз тоа дали ги вршат задолжителните мерења на издувните гасови и дали ги внесуваат податоците во регистарот.

Колку ќе чини налепницата?

Во предлогот нема утврдена цена за налепницата, ниту посебна давачка за постарите автомобили. Постојниот Закон за возила веќе предвидува сопственикот да го сноси трошокот за утврдување на еколошката категорија, во висина што ја пропишува министерот за енергетика. Одделно, според Законот за животната средина, при регистрација се плаќа надоместок за животната средина.

Еколошката категоризација е внесена во законот во 2019 година. Како што пишува „Вечер“, првиот модел со налепници во различни бои не профункционирал целосно, а една од главните пречки била недонесувањето на правилникот.


„Зелен хуман град“ предупредува дека наплатата на категоризацијата најмногу би ги погодила граѓаните што немаат пари за понов автомобил. Иницијативата ги поддржува построгите контроли на техничките прегледи и бара посилен надзор над индустриските емисии, со јавно достапни мерења од цементарницата „ТИТАН Усје“ во реално време.

е-Трн да боцка во твојот инбокс