Герила-акција на ХЕРА Млади: Бараме улици без страв

Младинските активисти на стартот од „16 дена активизам“ предупредија на седум фемициди во 2026 година и побараа 365 дена институционална одговорност.

Со герила-акција во Скопје, ХЕРА Млади го означи почетокот на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“. Активистите алармираа дека во текот на годината се регистрирани седум фемициди и илјадници полициски пријави, порачувајќи им на институциите дека на младите им треба вистинска заштита на терен, осветлени јавни простори и функционален систем наместо симболични кампањи.

Годинава во Северна Македонија се убиени седум жени во случаи на фемицид, истакнаа активистите на ХЕРА Млади за време на герила-акцијата, посочувајќи го убиството на 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци како најсвеж пример дека од родово базирано насилство страдаат и малолетни девојки. Тие побараа детална истрага за сите евентуални институционални пропусти во овој случај, потсетувајќи дека зад насилството често стојат претходни закани, следење и повици за помош кои остануваат без навремена реакција.

Официјалните полициски бројки што ги презентираа младите покажуваат дека насилството е секојдневна реалност за илјадници жени. Според податоците на Министерството за внатрешни работи (МВР), од јануари до септември 2026 година се евидентирани вкупно 1.337 кривични дела поврзани со семејно насилство со 1.144 жени жртви, како и 3.869 поплаки со 2.567 жени жртви. Од вкупно 1.388 пријавени сторители, 1.278 се мажи.

Активистите оценија дека охрабрувањето на жените да пријавуваат нема ефект доколку зад институционалните шалтери ги чека бавна постапка и префрлање на товарот за докажување на сопствената загрозеност од врата до врата. Според нив, јазот меѓу законските решенија и реалноста на терен се продлабочува поради недостиг на специјализирани сервиси, засолништа и бесплатна правна и психосоцијална поддршка.

Во обраќањето беше нагласено дека заштитата останува особено недостижна за жените од руралните средини, Ромките, жените со попреченост и жените кои живеат во сиромаштија. Истовремено, отсуството на системска превенција и сеопфатно сексуално образование го спречува навременото препознавање и запирање на насилството од најрана возраст.

Преку својата порака, од ХЕРА Млади порачаа дека не бараат привилегии, туку основни услови за слободно движење и учење без постојано внимавање како се облекуваат, по кој пат се движат или во колку часот се враќаат дома. Нивните конкретни барања опфаќаат:


  • Обезбедување осветлени улици, паркови и јавни површини, како и сигурен и достапен јавен превоз во ноќните часови.
  • Строго санкционирање на дигиталното и сексуалното насилство, вклучително и одмаздничката порнографија, заканите и уцените со објавување интимни содржини.
  • Воспоставување јасни и доверливи механизми за пријавување и заштита од врсничко, сексуално и родово насилство во училиштата и на факултетите.
  • Враќање на сеопфатното сексуално образование и едукацијата за согласност и родова еднаквост, паралелно со стручна работа со момчињата и мажите кои покажуваат насилно и контролирачко однесување.

„Оваа година нема потреба од нови кампањи за подигање на свеста. Јавноста знае, жените пријавуваат, а граѓанскиот сектор со години ги нуди решенијата. Она што недостига е држава што знае да заштити. Не ни требаат уште 16 дена ветувања. Ни требаат 365 дена институционална одговорност“, порачаа активистите на ХЕРА Млади.

е-Трн да боцка во твојот инбокс