Одделот за растителни и еколошки науки во Универзитетот во Копенхаген го дешифрирал целосниот биолошки пат за создавањето на лекот против рак Таксол (паклитаксел). Со вметнување на повеќе од 20 гени од дрвото тиса во растенијата тутун, Nicotiana benthamiana, успеале да го произведуваат лекот во количини споредливи со оние што природно се наоѓаат во кората на тисата, стои во студијата објавена во списанието „Nature Chemical Biology“ на 23 ноември 2026 година.
Лекот Таксол се користи во терапијата на рак на дојка, рак на јајници и рак на бели дробови. ВО моментов производство се потпира на процес во кој сродни соединенија се екстрахираат од растенија и потоа преку серија сложени хемиски реакции се претвораат во готов медикамент, што го прави еден од најскапите лекови.
„Затоа беше суштински да разбереме како Таксол може да се произведува биосинтетски, за третманот да стане подостапен за пациентите низ целиот свет“, изјави професорот Сотириос Кампранис од Одделот за растителни и еколошки науки, кој е виш автор на истражувањето.
Оригиналниот природен извор на Таксол е дрвото тиса, каде што активното соединение се создава во кората. Иако медикаментот со децении се користи во онкологијата, науката досега немаше целосен прирачник што чекор по чекор го опишува процесот преку кој растението ја синтетизира молекулата.
„Тестиравме бројни хипотези за да го откриеме целосниот биолошки пат за производство на Таксол од почеток до крај. Сега имаме план, всушност рецепт, што може да се користи за производство на Таксол во растенија, квасец или други системи. Ова може да отвори пат за нови методи што го олеснуваат производството и го прават финалниот производ подостапен“, посочи Кампранис.
Во експериментите, научниот тим пренел повеќе од 20 гени од тиса во видот тутун Nicotiana benthamiana, растение што расте брзо и често се користи во лабораториски истражувања. Постдокторскиот истражувач Жен Фан, ко-прв автор на студијата заедно со Феијан Лианг, објасни дека со овој чекор го демонстрирале целиот биолошки процес.
„Тутунот е ефикасна платформа за одгледување Таксол бидејќи обезбедува иста клеточна средина како дрвото тиса, но расте многу побрзо и полесно се модифицира“, изјави Кампранис.
За технологијата да премине од лабораторија во масовно производство, гените од тиса треба да станат траен дел од генетскиот состав на растението тутун, наместо да се вметнуваат при секој поединечен циклус.
„Тоа е следниот голем предизвик. Големото производство, на пример во оранжерии, бара стабилни растенија што трајно ги содржат гените од тиса, за да не мораме да ги внесуваме секојпат одново“, наведе професорот Кампранис.
Покрај тутунот, истражувачкиот тим ги посочува и ферментираните клетки од квасец како уште едно ветувачко решение за биосинтетско добивање на медикаментот. Откриениот биолошки рецепт им овозможува на други истражувачки тимови да развиваат сопствени производствени методи.
„Во Данска, болниците и пациентите не се толку зависни од евтин Таксол. Но во многу други делови од светот, достапниот третман со Таксол е пресуден. Нашето откритие на крајот може да придонесе за поевтин Таксол, правејќи го лекувањето подостапно во земјите со ниски приходи“, заклучи Кампранис.
