Црн петок: како да препознаете лажен попуст и скриен трошок?

Пазарниот инспекторат е на терен, а законот е јасен: вистинската претходна цена е најниската цена во последните 30 дена, а не произволно избраната сума на етикетата.

Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ќе спроведува засилени вонредни инспекциски надзори кај трговците на целата територија на државата по повод најавените попусти во рамките на кампањата „Black Friday“ (Црн петок), кој годинава се одбележува во петок, на 27 ноември. Податоците од домашниот скенер на цени покажуваат дека голем дел од рекламираните намалувања не се вистински.

Телевизор „поевтин“ за 11.000 денари, а цената му е иста како пред еден месец

Пред една недела Трн ги анализираше податоците од домашниот скенер на цени MojPik. Анализата покажа дека 68 следени модели на бела техника, телевизори и мали апарати за домаќинство имале цена еднаква или повисока од најниската цена во претходните 30 дена. Примерот е јасен: телевизор од 55 инчи бил огласен по цена од 21.990 денари, со прецртана цена од 32.990 денари. Така се создава впечаток дека купувачот заштедува 11.000 денари. Но најниската цена на истиот телевизор во претходните 30 дена била токму 21.990 денари, што значи дека реално намалување немало.

Кај некои фритези на топол воздух и прочистувачи на воздух биле рекламирани попусти од „речиси 50 отсто“, иако акциската цена била еднаква на најниската цена во последните 30 дена. Има и производи што, наместо да поевтинат, поскапеле. Навлажнувач за воздух со акциска цена од 14.990 денари претходно имал најниска цена од 13.990 денари, додека машина за сушење алишта, наместо за 18.499 денари, се продавала за 19.999 денари.

Пред официјалниот почеток на ноемвриските акции, ниту еден од следените модели не бил поевтин за најмалку 10 отсто во однос на сопствената најниска цена во претходните 30 дена.

Законот јасно пропишува која цена смее да биде прецртана

Законот за заштита на потрошувачите не остава простор за произволно прикажување на попустите. Претходната продажна цена е најниската цена по која производот бил продаван во претходните 30 дена, односно референтната цена. Кога производот се продава со намалена цена, трговецот може да прикаже најмногу две цени – новата цена и претходната, која треба да биде јасно означена и видливо прецртана.

Акциската продажба не може да трае подолго од 30 дена, додека промоцијата е дозволена само за нови производи и не може да трае подолго од осум дена. Строги правила важат и за употребата на зборот „распродажба“. Таа е дозволена само ако трговецот престане да ги нуди тие производи во своите деловни простории најмалку шест месеци по завршувањето на распродажбата.

Инспекторите најавуваат дека особено внимание ќе посветат на лажно прикажаните попусти, неоснованото зголемување на цените пред нивното намалување, како и на неточното и доведувачкото во заблуда рекламирање. Во фокусот на контролите ќе бидат техниката, телефоните, компјутерската опрема, облеката, обувките и мебелот. Казните не се мали. Во 2023 година ДПИ спровел 2.100 надзори според Законот за заштита на потрошувачите и казнил повеќе од 118 трговци, со вкупни казни повисоки од 10 милиони денари.

Пакетите од странство може да чинат повеќе од цената во кошничката

Скриените трошоци се особено важни при купувањето од странски онлајн-платформи. Нарачките од Тему и другите странски платформи сега подлежат на ДДВ од 18 отсто, бидејќи е укинато ослободувањето за пратки со вредност до 22 евра. Платформите понекогаш оваа ставка ја означуваат како „увозна давачка“, но станува збор за ДДВ, а не за нова царина. Пратките со вредност до 90 евра, односно околу 5.000 денари, остануваат ослободени од царина. За поскапите пратки може да се наплати и царина, зависно од тарифната ознака на производот.

Најголем проблем може да настане ако производот се расипе или се покаже како небезбеден. Заштитата и остварувањето на потрошувачките права се посложени кога се купува од странски платформи што немаат регистрирано правно лице во Македонија, бидејќи домашните механизми за постапување по жалби не можат лесно да се применат. Ако нарачката е платена однапред, законот предвидува обврска стоката да биде испорачана без одлагање, но најдоцна во рок од 30 дена. Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) ги советува купувачите да ја проверат најниската цена на производот во последните 30 дена и да не се водат само според големите рекламни ветувања. Според ОПМ, потрошувачите често се жалат дека производите и по наводното намалување се продаваат по иста цена како и пред акцијата.

Како да проверите дали попустот за Црниот петок е вистински?

Прецртаната цена мора да биде најниската цена по која производот се продавал во претходните 30 дена. Ако производот пред две недели бил поевтин од прикажаната „стара“ цена, трговецот не смее таа повисока цена да ја претставува како референтна. Скенерите на цени и зачуваните снимки од екранот од претходните денови можат да помогнат во проверката.


Акциската продажба може да трае најмногу 30 дена. Промоцијата е дозволена само за нови производи и може да трае најмногу осум дена. Законот предвидува стоката да биде испорачана без одлагање, а најдоцна во рок од 30 дена

е-Трн да боцка во твојот инбокс