Рекорден број жртви на семејно насилство во Германија: На секои три дена маж убива партнерка или поранешна партнерка

Семејното насилство во Германија достигна највисоко ниво досега, а расте и бројот на сексуални кривични дела, фемициди и насилство врз жените во дигиталниот простор. Според најновата полициска статистика, на секои три дена жена е убиена од сопругот или поранешниот партнер, додека на секои десет минути се регистрира по едно сексуално кривично дело чија жртва е жена.

„Овие податоци се потресни“, изјави германската министерка за правда Штефани Хубиг, која заедно со министерот за внатрешни работи Александер Добринт и министерката за семејство Карин Приен ги претстави најновите податоци во Берлин.

Статистиката покажува дека кривичните дела во кои жртви се жени растат, иако вкупниот број регистрирани кривични дела во Германија бележи само благ пораст или останува речиси непроменет.

„Зад сите овие страшни бројки стојат поединечни човечки судбини. Станува збор за луѓе, пред сè жени и девојчиња, чии животи се сериозно нарушени од овие насилни дела“, изјави Добринт.

Речиси 280.000 жртви на насилство во сопствениот дом

Во текот на 2025 година, вкупно 280.129 лица биле жртви на семејно насилство во Германија. Тоа е за 2,8 проценти повеќе отколку во 2024 година. Жените сочинуваат 70,6 проценти од сите жртви, односно приближно седум од десет лица погодени од овој вид насилство. Меѓу машките жртви има и момчиња кои биле нападнати од своите татковци. Според статистиката, во просек секој час околу 16 жени стануваат жртви на физичко насилство во сопствениот дом.

Особено загрижувачки е растот на кривичните дела мотивирани од омраза кон жените. Бројот на ваквите случаи се зголемил за речиси 50 проценти, достигнувајќи вкупно 819 регистрирани дела.

Сексуалното насилство сè почесто ги погодува малолетничките

Министерката за правда Штефани Хубиг предупреди дека податоците откриваат колку опасно може да биде секојдневието за жените, вклучително и во нивните домови и партнерски врски. Да се биде жена може да значи дека ќе ве убие сопствениот партнер или поранешен партнер, дека ќе бидете физички малтретирани во сопствениот дом или дека брутално ќе биде нарушено вашето право на сексуално самоопределување“, изјави Хубиг.

Особено загрижува и возраста на жртвите. Речиси половина од жените кои во 2025 година биле жртви на сексуални кривични дела биле помлади од 18 години. Расте и дигиталното насилство врз жените и девојчињата. Бројот на регистрирани случаи е зголемен за 15,7 проценти, а меѓу нив се несаканото прикажување видеоснимки и фотографии, навредите, фотомонтажите, заканите, уцените и следењето преку интернет.

Владата најавува поголема улога на училиштата во превенцијата

Бидејќи и сторителите и жртвите сè почесто се млади луѓе, германската влада најавува дека поголемо внимание ќе посвети на превенцијата во училиштата. Министерката за семејство Карин Приен, која е надлежна и за образованието, смета дека училиштата треба да станат поважно место за препознавање и спречување на насилството.

„На крајот мораме да постигнеме промена во начинот на размислување, особено кај мажите. Тоа, во крајна линија, ќе биде пресудно“, изјави Приен.

Хубиг најави и дека ќе се залага фемицидите, односно убиствата на жени мотивирани од нивниот пол, во иднина секогаш да се квалификуваат како тешко убиство („Морд“).

Во Германија ваквите случаи често се квалификуваат како убиство („Тотшлаг“), за кое е предвидена поблага казна. Во интервју за германската телевизија ЗДФ, министерката предупреди дека фемицидите неретко се претставуваат како семејни трагедии или убиства од љубомора, што влијае и врз нивната правна квалификација.

Полицијата дознава само за мал дел од случаите

Потпретседателката на Сојузната криминалистичка служба (БКА), Мартина Линк, повика граѓаните да обрнат внимание на насилството во својата непосредна околина – во семејството, соседството и на работното место.

„Насилството врз жените не е приватна работа, ниту во непосредната животна средина ниту во дигиталниот свет“, порача Линк.

Таа предупреди дека полицијата регистрира само мал дел од сексуалните кривични дела и случаите на семејно насилство. Според процените, пријавени се само пет до десет проценти од овие случаи, додека огромното мнозинство останува непријавено и невидливо во официјалната статистика.


Сепак, податоците откриваат и дека дел од жртвите подоцна се охрабруваат да проговорат. Дури 44 проценти од случаите евидентирани во 2025 година се однесуваат на настани што се случиле во претходните години, но биле пријавени дури подоцна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс