Британец пливал низ Ормускиот Теснец додека горле бродови

Британскиот пливач и амбасадор на ОН за океаните, Луис Пју, за три дена преплива 15 километри низ една од најважните светски рути за транспорт на нафта. За време на подвигот сведочел на напади врз танкери, пожари и воени авиони, со цел да предупреди за еколошките последици од војната во Иран.

Додека воени авиони прелетувале над него, а нафтени танкери и бродови за транспорт на гас биле зафатени од пожари по ракетни напади, британскиот пливач Луис Пју минувал низ Ормускиот Теснец. Неговиот тридневен подвиг, долг 15 километри, имал цел да го сврти вниманието кон една од помалку видливите последици на војната во Иран – уништувањето на морските екосистеми. Пју, 56-годишен пливач и амбасадор на Обединетите нации за океаните, ја избрал оваа опасна поморска рута за да испрати повик за прекин на борбите, повторно отворање на теснецот и санирање на еколошката штета.

Според податоците на неговата фондација, за време на пливањето бил сведок на напади врз трговски бродови, експлозии и прелетувања на воени авиони. За него, ова било прво пливање во воена зона.

Ракета погоди танкер на само четири километри од него

Опасноста ја почувствувал уште на првиот ден од подвигот. Ракета погодила нафтен танкер на оддалеченост од само четири километри од местото каде што пливал. Следниот ден забележал пламен зад еден рт. Станувало збор за бродот „Тара гас“ (Tara Gas), кој превезувал течен природен гас и бил зафатен од пожар по напад. Подоцна Пју поминал во близина на бродот додека тој сè уште горел.

„Веднаш помислив на морнарите на бродот. Пламенот беше огромен. Овие бродови превезуваат лесно запалливи гасови, а напад врз нив може да има катастрофални последици, не само за екипажот туку и за морската средина“, изјавил тој.

Неговата маршрута започнала кај островот Мусадам, на истоимениот полуостров во Оман, а завршила кај Ормускиот Рт, на северниот дел од полуостровот. Во текот на целото пливање го придружувал мал тим со брод и кајак.

„Природата е жртва на војната за која премалку се зборува“

Пју предупредува дека еколошките последици од воените конфликти често остануваат во сенка на човечките жртви и материјалните разурнувања. „Војната предизвикува огромно човечко страдање. Се губат животи, семејствата се распаѓаат, а домовите, болниците и училиштата можат да исчезнат за неколку минути. Но постои уште една жртва на која ѝ се посветува премалку внимание: самата природа. Штетата врз животната средина може да трае долго откако борбите ќе завршат“, порача британскиот пливач.

Според податоците на Обединетите нации, од почетокот на конфликтот биле нападнати најмалку 175 бродови, а околу 30 од нападите предизвикале сериозно загадување.

Ормускиот Теснец е и едно од важните морски живеалишта

Ормускиот Теснец не е само стратешки важен коридор за светската трговија со нафта, туку и морско живеалиште за бројни животински видови. Во неговите води живеат дугонзи, морски желки и кит-ајкули. Излевањата на нафта и другите форми на загадување можат долгорочно да ги нарушат морските екосистеми, вклучително и коралните гребени, подводните ливади со морска трева и мангровите шуми.


Токму затоа Пју смета дека заштитата на природата мора да биде дел од разговорот за последиците од војната, а не тема што ќе се отвори дури откако ќе завршат конфликтите. Неговото пливање низ воената зона е обид да се покаже дека последиците од нападите не завршуваат со уништувањето на бродовите и човечките загуби. Загадувањето на морето може да остави последици врз природата и локалните екосистеми уште долго по последниот истрел.

е-Трн да боцка во твојот инбокс