Новиот бран поскапувања на основните прехранбени производи веќе се чувствува во маркетите. Јајцата се поскапи за 11,6 до 13 проценти, брашното за околу седум проценти, урдата за десет проценти, а повисоки цени има и кај павлаката, киселото млеко, свинското и мисиркиното месо.
Специјалните видови леб веќе се поскапени за пет проценти, додека пекарската индустрија предупредува на можни дополнителни корекции на цените поради зголемените трошоци за енергенси.
Поскапувањата не се ограничени на една категорија производи, туку опфаќаат значителен дел од секојдневната потрошувачка кошница, од месо и млечни производи до брашно, јајца и леб.
Јајцата може дополнително да поскапат до крајот на јануари
Поскапувањето на јајцата веќе е двоцифрено. Пакувањето од 30 јајца од М-класа е поскапено за 13 проценти, додека пакувањето од десет јајца од Л-класа за 11,6 проценти.
Производителите го објаснуваат ценовниот притисок со сезонското намалување на производството во зимските месеци.
Намалениот принос, во комбинација со празничната побарувачка, може да создаде услови за дополнителни корекции на цените, а според најавите, ваквата состојба би можела да продолжи до крајот на јануари.
Кај месото, пак, покрај веќе регистрираното поскапување на свинското филе за три проценти и свежото мисиркино месо за пет проценти, производителите на свинско месо најавуваат дополнително зголемување на цените за околу пет проценти на ниво на фарма.
Останува да се види колкав дел од ова зголемување ќе се пренесе врз крајните потрошувачи.
Брашното веќе поскапе, неизвесна е цената на обичниот леб
Цената на брашното е зголемена за 6,5 до седум проценти, а специјалните видови леб веќе се продаваат по цени повисоки за пет проценти.
Пекарската индустрија со недели предупредува дека зголемените трошоци за енергенси создаваат дополнителен притисок врз производствените цени.
Поскапувањето на брашното е дополнителен фактор што може да влијае врз цените на лебот, печивата и другите пекарски производи.
Засега нема прецизна информација за колку би можел да поскапи обичниот леб, ниту кога би стапиле во сила евентуалните нови цени.
За разлика од специјалните пекарски производи, обичниот леб е дел од секојдневната потрошувачка на голем број домаќинства, поради што и минимално зголемување на неговата цена има кумулативен ефект врз месечните трошоци.
Поскапуваат и млечните производи
Значителни корекции на цените се забележани и кај млечните производи. Урдата е поскапена за десет проценти, павлаката за седум до осум проценти, киселото млеко за шест проценти, грчкиот јогурт за четири проценти, а млекото без лактоза за два проценти.
Истовременото поскапување на повеќе производи од иста категорија ги ограничува и можностите на потрошувачите да изберат поевтина замена.
Домаќинствата можат да се приспособат преку купување производи на акција, избор на поевтини брендови или намалување на количествата, но кај основните прехранбени производи просторот за штедење е ограничен.
Маржите се стабилни, но цените растат
Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, посочува дека повеќе инспекциски тимови постојано се на терен и ги проверуваат влезните фактури и висината на бруто профитните маржи.
„Генерално, нема големи промени во однос на маржите и, споредено со лани, тие се речиси на исто ниво, тоа го потврдуваат и статистичките податоци“, вели Стојкоски.
Стабилните процентуални маржи, сепак, не значат дека цените на производите остануваат непроменети.
Кога се зголемува набавната цена на производот, дури и при непроменета процентуална маржа расте крајната малопродажна цена, но и номиналниот износ на маржата.
Токму затоа е важно инспекциските контроли да утврдат во која фаза од синџирот на снабдување настанува поскапувањето и дали тоа произлегува од реално зголемени трошоци.
Засега не е најавена конкретна нова мерка за ограничување на цените, но министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши не ја исклучува можноста за интервенција доколку контролите покажат неоправдано зголемување на маржите.
Инспекторите ќе ловат лажни попусти пред празниците
Покрај контролите на цените на храната, Пазарниот инспекторат најавува засилени проверки и на акциските продажби во пресрет на новогодишните празници.
Инспекторите ќе проверуваат дали трговците навистина ги намалуваат цените или преку промотивните кампањи ги доведуваат потрошувачите во заблуда.
Посебен проблем претставуваат ситуациите во кои цената на производот се зголемува пред почетокот на акцијата, а потоа се рекламира попуст со кој производот практично се продава по претходната редовна цена.
За граѓаните што се обидуваат да ги намалат трошоците преку пазарување на акција, ваквите трговски практики можат дополнително да го оптоварат семејниот буџет.
За живот под кирија се потребни над 86.000 денари месечно
Новиот бран поскапувања доаѓа во период кога и синдикалната и владината потрошувачка кошница бележат раст.
Според последните пресметки на Сојузот на синдикатите на Македонија, за покривање на основните месечни трошоци на едно семејство во ноември се потребни 70.827 денари.
Доколку семејството живее во изнајмен стан од 60 квадратни метри, потребниот месечен буџет достигнува 86.202 денари.
Просечната потрошувачка кошница што ја пресметува Министерството за економија и труд во октомври изнесувала 59.149 денари.
Разликата меѓу двете пресметки е 11.678 денари, иако станува збор за различни методологии и различни референтни месеци.
Според синдикалната пресметка, семејство со двајца вработени што живее под кирија треба да располага со две месечни примања од по 43.101 денар за да ги покрие основните трошоци.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, предупредува дека животниот стандард не може да се оценува исклучиво преку официјалните стапки на инфлација, туку преку реалната куповна моќ на работниците.
„Не смее кризата, инфлацијата или зголемените трошоци да бидат изговор за неоправдано зголемување на профитите на сметка на граѓаните“, вели Трендафилов.
