Зеленски: Путин треба да биде најголемиот поддржвач за влез на Украина во НАТО

Зеленски верува дека противењето на Путин на членството на Украина во НАТО не се темели на страв од украински напад врз Русија
Фото: X/@ZelenskyyUa

Володимир Зеленски изјави дека рускиот претседател Владимир Путин треба да биде најголемиот поддржувач на влезот на Украина во НАТО, бидејќи Киев практично би ја изгубил можноста за воено ослободување на окупираните територии. Во интервју за Блумберг , тој објасни дека доколку Украина, како членка на Алијансата, се обиде да ја врати својата територија со сила, би ризикувала да ја изгуби поддршката од своите западни сојузници.

Зеленски верува дека противењето на Путин на членството на Украина во НАТО не се темели на страв од украински напад врз Русија, туку на желбата Москва да ја задржи контролата врз иднината на Украина. Тој е убеден дека рускиот претседател не се откажал од својата фундаментална цел, а тоа е окупација на цела Украина.

НАТО и Русија

„Членството на Украина во НАТО е нешто што им е потребно на Русите дури и повеќе отколку на Украина. Бидејќи Украина има целосно право да го врати она што законски ѝ припаѓа“, рече Зеленски. Потоа тој се осврна на одбивањето на Путин за привремено прекин на огнот, кое рускиот претседател го оправдува со тврдењето дека Украинците ќе ја искористат паузата за да ги зајакнат своите вооружени сили.

„Путин сега вели дека не може да се согласи на двомесечно или тримесечно примирје затоа што Украинците сакаат да направат пауза, да ги ротираат војниците и да се вооружат. Верувам дека тоа е лага“, рече тој. „Ако мисли дека Украина е подготвена воено да ги врати своите територии, тогаш тој треба да биде оној кој е најзаинтересиран за нашето приклучување кон НАТО, повеќе од кој било друг во светот.“

„Бидејќи ако Украина е во НАТО, нема да можеме да ги вратиме нашите територии со сила“, објасни Зеленски. Тој тврдеше дека таков обид би бил спротивен на односите што Украина сака да ги одржува со своите сојузници.

Тој нагласи дека Киев нема намера да ја загрози меѓународната поддршка благодарение на која со години се спротивставува на руската агресија. „Во спротивно, ќе ги изгубиме сите наши партнери. Украина никогаш не би го направила тоа и би ризикувала да ги изгуби партнерите кои ни помогнале и ќе продолжат да ни помагаат“, рече тој.

„Путин сака да ја окупира цела Украина“

Зеленски го отфрли руското објаснување дека членството на Украина во НАТО би претставувало закана за безбедноста на Русија. Тој верува дека Москва сака да ја спречи западната интеграција на Украина за да ја одржи можноста за понатамошно проширување на својата контрола.

„Кога Путин вели: „Не, сè освен НАТО“, тоа не е дека се плаши дека ќе ги нападнеме со оружје. Туку сака да се осигури дека нема да му се лизнеме од раце“, рече Зеленски. „Со други зборови, целта на Путин останува непроменета: окупација на Украина“, заклучи украинскиот претседател.

Тој исто така рече дека американските претставници Џаред Кушнер и Стив Виткоф работат на постигнување договор за што поскоро завршување на војната на Русија против Украина. Според него, нивната цел е да обезбедат договор до јануари.


Кушнер претходно изјави дека Вашингтон ја убедил Москва да прифати безбедносни гаранции за Украина слични на оние во Член 5 од Северноатлантскиот договор, кој предвидува заедничка одбрана на членките на НАТО. Сепак, Зеленски изрази сомнеж дека Киев и Вашингтон имаат исто толкување за тоа што всушност би значеле таквите гаранции.

е-Трн да боцка во твојот инбокс