Културни работници, институции, независната сцена и млади доставиле забелешки за програмата на Европската престолнина на културата. Од Фондацијата најавуваат јавни повици за нејзина реализација и оценување од европски евалуатори.
Повеќе од 200 предлози и препораки пристигнале до Фондацијата „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“ по четирите јавни расправи за работната верзија на културната програма. Конечниот документ се очекува да биде подготвен до крајот на ноември, по што ќе биде објавен на интернет-страницата на Скопје 2028.
Јавните расправи се одржале на 18 и 19 ноември, а предлози се доставувале и по електронска пошта. Според Фондацијата, сите пристигнати забелешки ќе бидат анализирани, а во програмата ќе бидат вклучени оние што ќе бидат оценети како релевантни и што ќе придонесат за нејзиниот квалитет.
Во разговорите учествувале претставници на национални и локални културни институции, општини, академската заедница, индивидуални уметници и културни работници, независната културна сцена и млади.
Оперативниот директор Звонко Наумоски ги претставил концептот, програмските приоритети и целите на предвидените проекти, по што учесниците ги изнеле своите забелешки и очекувања.
„Работната верзија не е завршен документ. Затоа ја отворивме за јавна расправа: секоја забелешка и секој предлог ни помага програмата да биде поквалитетна и поблиску до потребите на граѓаните, уметниците и институциите“, изјавил Марјан Цветковски, првиот човек на Фондацијата.
На расправите било отворено и прашањето за посебната законска рамка за реализација на Скопје 2028. Според објаснувањето на Фондацијата, за нејзиното оперативно работење е предвидена примена на Законот за јавни набавки, додека културната програма ќе се реализира преку јавни повици со однапред утврдени правила. Оценувањето ќе го вршат европски евалуатори врз основа на професионални критериуми.
Од Фондацијата наведуваат дека ваквиот пристап треба да обезбеди независност и транспарентност при изборот, како и усогласеност со практиките на досегашните европски престолнини на културата.
