Првo место за скопските средношколци кои создадоа аудио-лекции за врсниците со оштетен вид

Наградата за проектот „Еднакви во учењето“ беше доделена на церемонија во Приштина, Косово на 24 ноември 2026 во конкуренција на 214 проекти.

Тина, Вилма, Ален, Лука и Марко од тимот  „Еднакви“ од СУГС „Владо Тасевски“ од Скопје го освоија првото место во категоријата училишта на Регионалната награда за Централна и Југоисточна Европа за проекти поврзани со услужно учење (Regional Service-Learning Award – RSLA). 

Наградата за проектот „Еднакви во учењето“ беше доделена на церемонија во Приштина, Косово на 24 ноември 2026 во конкуренција на 214 проекти.

Применувајќи го знаењето од финансиската писменост и сообраќајните предмети учениците создадоа приспособени аудио-видео лекции за своите врсници од ДСУРЦ „Димитар Влахов“ во Скопје. Нивната цел е да им овозможат полесно да ги совладаат наставните содржини и да можат самостојно да им се навраќаат кога им е потребно. Со објавувањето на лекциите на јавно достапниот YouTube-канал „Еднакви во учењето“, тимот создаде ресурс што може да се користи и по завршувањето на проектот.

„Сфативме дека најдобро учиш кога треба нешто да му објасниш на друг. Целиот процес нè зближи како тим и нè натера да размислуваме малку пошироко. Ова признание е доказ дека и ние средношколците можеме да направиме големи работи,“ изјави Лука Андов, член на тимот.

Услужното учење е концепт преку кој лекциите и теоријата од училница се претвораат во реална помош за заедницата. Преку овој проект, учениците најдобро го научија материјалот токму пренесувајќи го на други, а нивните врсници добија практична алатка за полесно и самостојно учење.

„Средношколците од „Владо Тасевски“ одржаа лекција за тоа како треба да изгледа современото образование – поврзано со реалниот живот и солидарно кон заедницата. Горди сме што нивната идеја, родена преку нашата програма, денес е препознаена како најдобра во регионот,“ изјави Иван Јованов, извршен директор на LEAD.

Регионалната награда за услужно учење ги препознава иницијативите од Централна и Југоисточна Европа што го поврзуваат учењето со активен придонес на младите во заедницата. Над 200 иницијативи, секоја приказна е посебна а искуственото учење е едно од најблагодарните процеси низ кои минуваат младите.


„Еднакви во учењето“ е една од ученичките иницијативи реализирани во 2025 година во рамки на проектот „LEADing Forward: Зајакнување на капацитетите за одржлив развој“ на Здружение Лидери за едукација, активизам и развој. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс