Што кријат животите на нашите соседи? Нов роман на Владимир Јанковски

Колку навистина ги познаваме луѓето со кои секојдневно се разминуваме во лифтот, на скалите или пред влезот на зградата? Токму ова прашање е во средиштето на „Тивки животи“, новиот роман на македонскиот писател Владимир Јанковски, објавен во издание на „Антолог“.

Преку приказните на жителите на една зграда, авторот ги истражува скриените светови на навидум обичните луѓе, нивните опсесии, фантазии, стравови и неостварени желби.

Иако живеат на иста адреса, ликовите во романот имаат сосема различни претстави за светот. Некои се опседнати со необични идеи, други се посветени на лични проекти што за околината изгледаат бесмислено, а трети создаваат сопствени системи на верувања.

Осаменоста зад вратите на домовите

Со препознатлива комбинација на хумор и емпатија, Јанковски ја истражува границата меѓу рационалното и апсурдното, но и осаменоста што може да постои дури и кога сме опкружени со луѓе.

„Оваа книга нè потсетува на нешто едноставно, но вознемирувачко: дека она што однадвор изгледа како ’тивок живот‘, однатре може да крие емотивно или искуствено цунами. Владимир Јанковски има вградена камера во душата на своите ликови“, вели Жарко Кујунџиски.

Романот го отвора и прашањето дали воопшто постои обичен живот или секој човек носи во себе цела вселена од приказни што остануваат непознати за другите.

Автор на повеќе наградувани романи

Интересот за скриените слоеви на човечкото постоење е присутен и во претходните романи на Јанковски – „Вечно сегашно време“, „Невидливи љубови“, „Скриени желби, немирни патувања“ и „Ехото на акробатите“.

За „Невидливи љубови“ ја доби наградата „Рациново признание“, а за „Скриени желби, немирни патувања“ наградата „Роман на годината“. Со истиот роман беше и македонски кандидат за Наградата за литература на Европската Унија.

„Ехото на акробатите“, пак, ја доби наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2024 година.

Јанковски е роден во Скопје во 1977 година и дипломирал општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Покрај со пишување, се занимава и со книжевен превод. На македонски јазик преведувал дела од Маргарет Атвуд, Ијан Мекјуан, Џон Фанте и Дубравка Угрешиќ.


Дизајнот на корицата на „Тивки животи“ е на Марко Трпески. Книгата е објавена со поддршка на Министерството за култура и туризам и е достапна во книжарниците и преку дистрибутивната мрежа на „Антолог“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс