Со специјална јубилејна едиција што опфаќа 18 наслови во 12 книги, издавачката куќа „Арс Ламина“ му оддава почит на Велко Неделковски, еден од најзначајните македонски писатели за деца и за млади, по повод 80 години од неговото раѓање и 60 години творештво.
Јубилејниот сет книги за деца ќе биде промовиран на 26 ноември (четврток), со почеток во 10 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. За книгите и творештвото за деца на Велко Неделковски ќе говори проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
Јубилејната едиција опфаќа шест самостојни изданија – „Збунети години“, „Шармери од осмо“, „Симчо“, „Бибисек Втори“, „Корнет Лизи во Шаренџам“ и „Првото жарче ЉУБ“, како и шест книги во оригиналниот концепт на „Прегрнати книги“, во кои се обединети по два наслова. Во „Прегрнати книги“ се вклучени: „Песноград“ и „Сказнобус“; „Стихотека“ и „Светот има осум страни“; „Децата се прва лига“ и „Кога цутат имињата“; „Верочка и Бовчек“ и „Стихувалка ха-два-о“; „Детето со име Димче“ и „Во царството виножитно“; „Хокус покус приказникус“ и „Адреса на срцето“. Дел од овие изданија веќе беа објавени, а во едицијата се вклучени и најнови наслови. Сите книги добиваат ново, освежено руво и посебен визуелен идентитет, со специјално дизајнирано лого посветено на јубилејот. .
Велко Неделковски е еден од најзначајните македонски писатели за деца и за млади, автор чие творештво повеќе од шест децении е присутно во македонската книжевност и во детските библиотеки. Роден е на 28 октомври 1946 година во Скопје. Работел во Македонската телевизија како драматург и како сценарист, а член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1980 година. Во своето книжевно творештво ги негува речиси сите литературни жанрови: расказот, сказната, романот, драмскиот текст и поезијата. Автор е на многу книги за деца, меѓу кои збирките раскази: „Леб за тате“, „Како расте Пенчо“, „Срценца од ведро-а“ и „Деници“; сказните: „Пролетни авантури“, „Шоу под ведро небо“, „Чуденки со Тимитар Итар“, „Смеантури во Намќорец“, „Бибисек од Крампонија“ и „Корнет Лизи во Шаренџам“; како и романите: „Симчо“, „Втората смена“, „Збунети години“, „Зборофон Тар-11“, „Дежурна приказна“, „Летачкиот човек Пеперут“ и „Шармери од осмо“. Автор е и на стихозбирката „Шармантни песни“ и на поемата „Царче-Жарче“.
Неделковски има напишано шеесетина радиодрами за најмладите слушатели на Македонско радио (Радио Скопје), од кои дел се преведени и снимени во странство. Автор е и на триесет играни телевизиски серии за деца, меѓу кои „Саки од Саканија“, „Светот има осум страни“ и „Царството на другарството“, како и на сценаријата за три краткометражни филмови. Неговите драмски текстови за деца, меѓу кои се „Ден за бегство“ и „Бибисек од Крампонија“, се поставувани на театарската сцена. Ја има напишано и драматизацијата на романот „Децата од улицата Пал“ од Ференц Молнар.
Покрај творештвото за деца и за млади, Неделковски пишува и за возрасни. Во издание на „Арс Ламина“ се објавени неговите романи „И не биди млад мајмун“, „Песја прељуба“ и „Токсични луѓе“, како и неговата прва поетска збирка за возрасни „Тишината на зборот“.
За своето творештво е добитник на повеќе признанија, меѓу кои наградата на РТВ Скопје за најдобра книга за деца, наградата за најдобра детска книга на „Струшките вечери на поезијата“ во 1986 година, наградата „Феникс“ на Град Скопје за постигнувања во книжевноста и наградата за животно дело на Македонската радио-телевизија.
Новата јубилејна едиција наскоро ќе биде достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.
